Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ во своето интервју за порталот Република зборуваше за последниот извештај на ЕК за Македонија каде укажа дека она на кое што тој и ВМРО-ДПМНЕ го предупредуваа дека сето ова се случува, тоа го констатира и ЕУ.
-Мене тоа не ме изненадува бидејќи ние континуирано предупредувавме дека ова се случува, тоа го констатира и ЕУ. Граѓаните се сведоци на реалноста во Македонија, дека тешко се живее, дека за жал имаме една политичка криминална коалиција која што ја води владата во Македонија, рече Мицкоски.
Мицкоски во текот на своето интервју објасни каква е ситуацијата во државата и дека за жал криминалот и корупцијата се во пораст и цветаат во државата и не може сето тоа да не биде сликано во еден извештај за уназадување, а не за напредокот на државата.
-Инфлацијата руши рекорди, стандардот е низок, учениците во училиштата еве ноември дојде ќе заврши уште малку и првото полугодие се уште немаат добиено учебници, македонското здравство го тресе скандалот кој што е резултат на канцер мафијата на клиниката за радиологија и онкологија, пензионерите протестираат бидејќи пензиите не стасуваат ниту за лекови, а камоли за нешто повеќе, младите се селат, комплетна апатија, нема инвестиции, договорите и проектниот менаџмент е на највисоко ниво. Но, за жал корупцијата и криминалот се во пораст и цветаат, зборувам и оној вистински криминал и оној политичкиот криминал и нема како тоа да не биде сликано во еден ваков извештај за уназадување на Македонија, а не за напредокот, кажа Мицкоски.
На крај Мицкоски порача:
-И колку побргу се случат парламентарните избори, толку побргу Македонија ќе тргне и ќе зачекори на оние патеки по кои што сите ние ја очекуваме.