Полициската акција во Судскиот совет е со цел да се потврди сомневањето за фалсификување записници, преку кои се манипулирала волјата и мислењето на членовите на Судскиот совет од страна на поединци, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски нагласувајќи дека очекува многу скоро тоа биде расчистено.

Одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен темелник за изградба на фабрика за електронски батерии за автомобили на белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“ во ТИРЗ Кичево посочи дека во Судскиот совет постоело основано сомневање за големи злоупотреби коишто се правени во изминатиот период.

Потсети и дека довербата кај граѓаните во судско-обвинителскиот систем кај нас е околу два проценти, нагласувајќи дека правдата е бавна, но постепено доаѓа и ќе дојде.

– Мора да ја вратиме довербата кај граѓаните, мора правдата да владее на целата територија на Македонија, на сите овие 26 илјади километри квадратни, така што мораме да бидеме правна држава, ако сакаме да одиме напред и да се развиваме како треба. Тоа важи за сите, и за тие порано, но и за тие што и денеска мислат дека на лесен начин ќе ја изигруваат правдата, рече Мицкоски.

фото: МИА