Под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“ со повеќе активности во организација беа одбележани 33 години независност на Република Македонија. Честитки по повод Денот на независноста – 8 Септември упатија голем број странски амбасади, Делегацијата на ЕУ, НАТО и повеќе здруженија и политички партии.
Свечената академија се одржи во Македонската филхармонија во Скопје, од каде премиерот Христијан Мицкоски објави десет принципи за развој, стабилност и просперитет и повика на единство и сплотеност.
-Граѓаните заслужуваат да живеат во држава каде што чесноста и правдата се водечки принципи. Време е да се стави крај на беззаконието и да се изгради држава која ќе ги заштити интересите на своите граѓани. Криминалот не смее да биде посилен од Владата и на ова зло му доаѓа крајот, истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената академија по повод Денот на независноста – 8 Септември под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“.
Дел од десетте принципи кои премиерот ги соопшти денеска беа воспоставување на правда и правна држава, крај на партизацијата на општество, подобрување на стандардот на граѓаните и исполнување на стратешката цел за влез во Европската Унија.
– За сите овие принципи барам единство и сплотеност. Испраќам порака до лидерите во опозицијата околу овие 10 принципи да се обединиме сите, исчистете се од криминалот во своите редови и реформирајте се. И прифатете го ова што го нудам како платформа околу кое се обединуваме, посочи премиерот.
Тој нагласи дека мора да се прекине партизацијата на општеството и да ги изолираме елементите кои создаваат меѓуетничко неединство.
– Мора да ставиме мораториум на етнички произведените теми зад кои стои лукративниот интерес на поединци. Мора да се стави крај на листата, на долгата листа желби за етнички права зад кои вистински стои ништо повеќе, туку личниот интерес на тие кои ги произведуваат, за сметка на колективниот, рече тој.
Дополнително, посочи дека мора да имаме општа согласност за исполнување на нашата стратешка цел, а тоа е членството во Европската Унија.
– Немаме друга алтернатива, ниту пак постои друга реална шанса. Желбата на народот за членство во Унијата е желба за подобар стандард, повисоки критериуми и повеќе пари и среден систем. И ние како Влада и општество не смееме да отстапиме од Европскиот пат, потенцираше Мицкоски.
На церемонијата, покрај премиерот Мицкоски, присуствуваше и претседателката на државава, Гордана Сиљановска Давкова и претседателот на Собранието, Африм Гаши како и повеќе претставници од законодавната, извршната, судската власт и верските заедници.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, претходно упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември – Денот на независноста, во која посочува дека наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес.
-Заокружувајќи го делото на илинденците и на асномците, ја превзедовме одговорноста да градиме модерна, европска, правна држава која ќе обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот. Триесет и три години подоцна, ентузијазмот и надежта се, за жал, засенети од бројните предизвици со кои се соочивме како држава, од надворешни притисоци и непринципиелни блокади, преку внатрешни поделби, па сè до политички и безбедносни кризи. Низ годините имавме и успеси и грешки, и подеми и падови. Пропуштените можности, сеприсутната партизација и политизација и хроничната корупција ги отуѓуваат граѓаните и ги иселуваат младите, нагласува Сиљановска Давкова во честитката.
Таа натаму посочува дека наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес.
-Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да ја направиме македонската република пристојно место за живеење, што ќе им дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани, република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите, наведува претседателката во честитката.
Истакнува дека само со европеизација на државата, со владеење на правото и со борба против корупцијата, со функционални институции и со компетитивна економија и систем на заслуги ќе им овозможиме на младите генерации, правото на потрага по среќа да го остварат дома, во заедничката татковина, во која ќе работат, ќе основаат семејства и ќе создаваат иднина.
Честитки по повод независноста упатија повеќе амбасади, меѓу кои на САД, Велика Британија, Германија, Турција, Шведска, Франција, Русија, Украина, Србија и Албанија, како и од НАТО и ЕУ Делегацијата во земјава.
Честитка по повод Денот на независноста 8 Септември упати и американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
-Американскиот народ и народот на Северна Македонија споделуваат посветеност на демократските вредности. Со нетрпение очекуваме да ја продолжиме нашата заедничка работа за промовирање на тие вредности, зајакнување на безбедноста и стабилноста и продлабочување на економските врски во регионот. САД ќе продолжат да го поддржуваат нашиот сојузник, Северна Македонија на нејзиниот европски пат во годините што следат, се вели во честитката од Блинкен.
Видео честитка, упати и американската амбасадорка Анџела Агелер, која порача дека „на овој посебен ден се придружуваме на Северна Македонија и на сите вас во прославата на вашата независност и вашите динамични и разновидни заедници“.
– Како и нашата независност, вашата беше тешко здобиена, со безброј жртви направени од оние кои верувале во моќта на слободата и демократијата. Денес и секогаш, ја почитуваме вашата историја, вашата сегашност и светла иднина, рече Агелер.
Северноатланската алијанса НАТО упати честитка по повод 8 Септември, на како што велат „нашиот сојузник Северна Македонија“, додека Здружената команда на сојузничките сили на НАТО во Брунсум објави видео честитка по повод Денот на независноста.
Евроамбасадорот Микалис Рокас денеска присуствуваше на свечената академија по повод Денот на независноста – 8 Септември, што под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“ се одржа во Филхармонија.
– Честитки до сите граѓани на Северна Македонија по повод Денот на независноста!, објави на платформата Х Делегацијата на Европската Унија по повод 8 Септември – Денот на независноста.
Честитки за 33-годишната независност упатија и СПМ, СДСМ, Коалицијата Вреди, ЗНАМ, Левица, Демократски сојуз и ДУИ.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември, Денот на независноста, во која посочува дека е време силата и способноста на нашите граѓани да ја искористиме за да ја надминеме секоја препрека што стои на патот кон подобро утре.
– Денешниот 8 Септември и 33 години независност на нашата Македонија нѐ потсетуваат на силата, единството и храброста што ја имавме кога го избравме патот на суверенитет и самостојност, наведува претседателот Филипче.
Во изминатите 33 години, како што дополнува, нашата татковина се изгради како независна, суверена држава, одлучна да го заземе своето место на европската и на светската сцена, потенцира тој.
– Овој пат не беше лесен и беше исполнет со предизвици, но и со многу достигнувања. Патот што го избравме пред три децении е потврда на нашата колективна волја за достоинство и просперитет. Во овие три децении, Македонија ги зајакна своите институции, ја обезбеди својата меѓународна позиција и создаде услови за економски и социјален напредок, вели Филипче.
Коалицијата Вреди, ги повика сите граѓани и политички чинители да го негуваат духот на единство, толеранција и соработка, порачувајќи дека само така ќе продолжиме да го градиме општеството што го заслужуваме – општество на еднакви права, можности и стабилност.
– Нашата генерација има историска должност да се справи со ендемичната политичка корупција и да преземе решителни чекори кон реформи кои ќе ги вратат капацитетите на уништените државни институции. Само преку транспарентност, одговорност и посветеност кон заедничкото добро, ќе можеме да обезбедиме иднина што ќе биде светла за сите наши граѓани, без разлика на етничката припадност, се вели во соопштението од Коалицијата Вреди.
Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети по повод 33-годишнината од независноста на Северна Македонија со статус на својата Фејсбук страница упати порака до политичките елити да работат за почит и еднаквост помеѓу заедниците.
-На оваа годишнина од независноста, ценам дека македонските политички елити треба да бидат свесни за големата одговорност што ја имаат во градењето на државата, почитувајќи ја политичката волја на Албанците и еднаквоста, бидејќи оваа држава ни припаѓа на сите нас и не може да биде изграден без почитуван етнички легитимитет, порачува Ахмети, стои во соопштението од ДУИ.
Во рамки на официјалното одбележување на Денот на независноста – 8 септември, повеќе делегација на политички партии и дипломатскиот кор оддаде почит и положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот Претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вечното почивалиште на Претседателот Борис Трајковски, на почивалиштето на првиот премиер Никола Кљусев и на споменикот на борците од НОБ. аа/
Фото: МИА архива