Пред Владата на Република Македонија вечерва се одржа протестен марш организиран од ВМРО-ДПМНЕ.

Пред голем број на граѓани, се обрати партискиот лидер, Христијан Мицкоски.

-Пред една година бевме сведоци на груба злоупотреба на власт, кога на пратеници од опозицијата им се ставаа лисици и брутално се омаловажуваа пред очите на македонската јавност. Истото тоа беше констатирано и од Народниот правобранител и се разбира, кога станува збор за СДСМ, одговорност нема. Но, ќе дојде денот кога ќе одговараат сите до еден. Убиства ни се случуваат по улиците во главниот град, брутални убиства по чикашки методи од почетокот на деветнаесеттиот век. Но нема ниту луѓе пред судовите, ниту сторители на тие настани. Каде е сега министерот за внатрешни работи да излезе и да каже? Или полесно му беше да ги апси пратениците од опозицијата? Или можеби му беше полесно да прати вооружени припадници на МВР да го заобиколат штабот на ВМРО-ДПМНЕ, да ги претресуваат нашите возила, да бараат луѓе во гепек, да бараат луѓе по нашите седишта. Тоа ли е демократија? Тоа ли е опозициона мисла? На рој ли начин сакаат со опзоицијата да се справат? На тој ли начин сакаат да ја задушат опозицијата?, праша Мицкоски.

-Нема тоа да ви го дозволиме. Ќе издржиме и ќе ве победиме сите до еден внатре, од прв до последен, порача Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече и дека оваа власт мора да си замине затоа што, како што рече, година и половина ја уништува Македонија. Најави протести во други градови во земјата, но и дека опозициската партија пред Владата ќе протестира секоја среда.

– Ни ветуваа пет проценти раст на БДП во програмата што ја нарекоа „Живот“, пекол донесоа, темнина донесоа кај секој еден граѓанин во Република Македонија…, рече Мицкоски.

На следните избори, според Мицкоски, опозицијата ќе победи и ќе ја порази власта жестоко и ќе и го покаже местото во историјата обвинувајќи за распродажба на националните интереси и понижувања.

– После сите овие понижувања и омаловажувања што ни ги направивте овие година и половина, после сите распродажби на националните интереси, после целиот хорор којшто и го направивте на вашата татковина, се обидовте да направите Македонецот да биде рамнодушен. Но, ние тоа нема да ви го дозволиме. Ние ќе застанеме еден до еден сите заедно со сите граѓани без разлика на нација, без разлика на вера против вас и ќе ви го покажеме вашето место во историјата, на темната страна на историјата на следните предвремени или редовни парламентарни избори ќе ве поразиме жестоко, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ упати повик до своите сопартијци кои, како што кажа, не дошле на денешниот протест да им се придружат.

– Нашиот револт ќе биде изразен демократски, гандиевски, со мирни протести ќе им покажеме како се сака татковината. Нема да фарбаме, нема да кршиме…, рече Мицкоски.

Повика на масовност и мобилизација, но и на чесност и принципиелност кај членството за повторно ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт.

– Сега е тоа време, време е за акција. Ова не е битка за ден или за два, ќе трае подолго и свесен сум дека ќе се обидат со подмолни удари да не поткопаат, да не обесхрабрат. Но ќе ви ветам дека сигурно ќе ги победиме и нема алтернатива, дури и оние новите нивни поддржувачи кои што застанаа рамо до рамо со нив од вчера, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.