По повод почеток на новата учебна година претседателот на Владата Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска го посетат ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Кисела Вода.
-За мене претставува огромно задоволство и чест што можам денеска да застанам пред вас и ќе упатам три пораки кои за мене се важни, но и за сите вас. Можеби за првпат после седум години учениците за првиот училишен ден ќе ги имаат учебниците пред себе. Нешто кое што е многу значајно, нешто кое во минатото за жал изостануваше. Ја користам оваа прилика да им се извинам на родителите коишто пред повеќе од 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, а денеска еве зборуваме за учебник за секое дете, но ви ветувам дека преку новата дисциплина преку вештачката интелигенција со која што ќе се запознаат нашите дечиња ќе можеме да зборуваме за иднината и за предизвиците која што ни ги носи иднината, рече Мицкоски.
Тој додаде дека за првпат после 7-8 години учениците низ училиштата низ Македонија ќе имаат можност пред себе да ги имаат учебниците по странски јазици, англиски, германски, француски, нешто што е важно за да создаваат пријателство преку границите на нашата татковина Македонија.
Министерството за образование и наука соопшти дека во учебната 2025/2026 година настава во основните и во средните училишта ќе посетуваат 245 илјади ученици. Во основните училишта има 177.800 ученици од кои 17.250 првачиња, додека средно училиште ќе посетуваат 67.200 ученици.