Премиерот Христијан Мицкоски на неговиот фејсбук профил напиша дека имал чест да учествува на Самитот на Европската народна партија (ЕПП), каде што се собрале истакнати лидери, претставници на партии и клучни носители на одлуки од цела Европа.
– Самитот беше платформа за размена на мислења и идеи за иднината на Европа, особено ме радува фактот што Македонија останува дел од овие стратешки разговори и партнерства. Нашето активно учество на ваквите меѓународни настани е клучно за зајакнување на позицијата на нашата земја во европскиот контекст и за придонес кон заедничката визија за стабилна и просперитетна Европа, напиша Мицкоски.
Разговорите и дебатите на Самитот, објави тој, биле значајни за насочување на идните политики, а уште поважно, за градење мостови на соработка со европските партнери.
Претходно, Мицкоски на фејсбук напиша дека е уверен дека ваквите средби се од голема важност за понатамошниот напредок на Македонија на нејзиниот европски пат.
– Ова е уште еден чекор напред кон нашите заеднички цели за стабилност, економски раст и посилно присуство на меѓународната сцена, напиша Мицкоски. Денес учествувам на Самитот на Европската народна партија во Брисел. Разговараме за продлабочена соработка, за регионални иницијативи и за европските перспективи. Ова е прилика за лобирање за македонските интереси и иднината на државата како дел од европското семејство, објави претходно премиерот.
Фото: фејсбук на премиерот Христијан Мицкоски