Премиерот Христијан Мицкоски, денеска во рамките на 62. Минхенска безбедносна конференција оствари работна средба со менаџментот на германскиот гигант Schwarz Group, под чија капа работат светски познатите брендови „Лидл“ и „Кауфланд“.

Како што информира премиерот на социјалните мрежи, разговарале за нивните планови за инвестиции, отворање нови работни места и модернизација на трговскиот сектор во нашата земја.
– Ги отвораме вратите за домашните компании да ги пласираат своите производи во големите европски синџири.
Продолжуваме да разговараме и привлекуваме реномирани светски компании кои веруваат во потенцијалот на нашата држава!, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Премиерот Мицкоски од денеска престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Мицкоски е придружуван од министрите за одбрана, Владо Мисајловски, за надворешна политика и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Во рамките на конференцијата шефот на Владата ќе оствари повеќе билатерални средби со европски лидери, високи претставници и раководители на меѓународни безбедносни институции. Разговорите, како што информираат од Владата, ќе бидат фокусирани на регионалната геополитичка стабилност и улогата на Северна Македонија како фактор на стабилност на Западен Балкан и активен член на НАТО.
На маргините на Минхенската безбедносна конференција се планирани и средби со високи претставници на Европската Унија, како и со шефови на држави и влади, најави владината прес-служба.




