Со консензуален пристап, широка вклученост и јасна инклузивност, почитувајќи ги принципите на транспарентност, отчетност и партнерство, беше донесена Националната развојна стратегија за периодот 2024 – 2044 година, со што беа поставени темелите на долгорочниот развоен правец – документ кој првпат на еден системски и сеопфатен начин ја дефинира визијата каде сакаме да бидеме како држава во следните две децении, истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска во својство на претседател на Националниот совет за развој, ја отвори неговата четврта седница.

-Во изминатиот период, по донесувањето на овој стратешки документ, како и во времето од одржувањето на Третата седница на Националниот совет за развој, беа реализирани повеќе значајни активности поврзани со нејзината имплементација. Процесот на спроведување и следење на реализацијата продолжи со вклучување на широк спектар на чинители – граѓани, експерти, академици, претставници на бизнис заедницата и граѓанските организации. Овој отворен и партиципативен пристап е наша силна страна и гаранција дека стратегијата нема да остане документ „на хартија“, туку ќе се преточи во реални политики и мерливи резултати, истакна Мицкоски.

Тој рече дека членовите на Владата биле детално информирани за предложените мерки кои произлегле од првите состаноци на Работниот комитет, заклучно со март 2025 година, и притоа министерствата и другите органи на државната управа биле задолжени да преземат конкретни активности за нивна понатамошна реализација, со што, според него, уште еднаш се потврди заложбата за сериозен и одговорен пристап кон спроведувањето на стратегијата.

-Посебно сакам да ја поздравам и да ја истакнам работата на Работниот комитет, преку кој се обезбедуваат тематски форуми за дискусија и размена на мислења во контекст на Националната развојна стратегија. Иако сме сè уште на почетокот на овој долг процес, досегашната пракса веќе јасно сигнализира дека јавноста и засегнатите страни се подготвени активно да придонесат, заеднички да ги идентификуваме предизвиците и заеднички да креираме насоки за нивно надминување. Тоа е суштината на модерното и одговорно управување со развојот на државата, но и клучен предуслов за успешно исполнување на обврските во рамки на евроинтегративниот процес, потенцираше Мицкоски.

Тој истакна дека формирањето на Интерпартиската парламентарна група за следење на напредокот на стратегијата претставува потврда дека Националната развојна стратегија е резултат на широк општествен консензус, што е силна порака за политичка зрелост и одговорност.

-Фактот дека Националната развојна стратегија е резултат на широк општествен консензус уште еднаш беше потврден и со формирањето на Интерпартиската парламентарна група за следење на напредокот на стратегијата, на 16 мај оваа година во Собранието. Ова претставува силна порака за политичка зрелост и одговорност, но и дополнителен механизам за обезбедување координација меѓу законодавната и извршната власт, како и другите релевантни чинители, со цел промоција на долгорочно стратешко размислување, инклузивни политики, транспарентност и отчетност. Токму ваквиот пристап – отворен, инклузивен и заснован на дијалог – постепено придонесува кон создавање стабилна стратешка рамка со јасна визија за развој. Визија што подразбира конкурентна и стабилна економија, одржлив раст, општествена кохезија и сигурност, демографска ревитализација, успешна зелена транзиција, како и системско зајакнување на човечкиот капитал и иновативните капацитети, со посебен акцент на дигиталната трансформација претставува силна порака за политичка зрелост и одговорност, рече премиерот.

Тој посочи дека Националната развојна стратегија е креирана да биде водилка на развојот, „жив документ кој ќе го следиме, ќе го унапредуваме и врз основа на кој ќе ја оценуваме успешноста на нашите политики“. Токму затоа, додаде Мицкоски, паралелно со нејзината имплементација, интензивно работиме и на воспоставување на сеопфатен систем за следење, известување и евалуација.

Потенцирајќи ја обврската на Владата до март следната година да го достави годишниот извештај за спроведувањето на Националната развојна стратегија за 2025 година, тој рече дека тоа бара зајакната координација меѓу институциите, јасна распределба на одговорностите и дополнителна промоција и позиционирање на стратегијата како највисок стратешки плански документ – документ кој ја диригира целокупната стратешка рамка, го насочува секторското планирање и овозможува креирање на инклузивни, ефикасни и политики базирани на докази.

-Нашата цел е јасна: долгорочен, одржлив и правичен развој, развој кој ќе обезбеди подобар квалитет на живот за сите граѓани, економска стабилност, институционална сигурност и држава подготвена да одговори на идните предизвици, нагласи премиерот и го искажа своето убедување дека со заедничка работа, партнерство и визија, Националниот совет за развој ќе продолжи да биде столб на оваа трансформација и двигател на промените што ги заслужува земјата, нагласи премиерот.

Фото: Влада