Инвестиција поголема од двесте милиони евра во здравството со британската поддршка, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
– Тоа што го разговаравме во првата фаза е инвестиција што ќе биде поголема од двесте милиони евра, но, за тоа колку точно ќе биде, ќе треба процесот да отпочне, исто онака како што отпочна за пругата. Министерството за здравство треба да побара од Министерството за финансии да направи, условно кажано, тендер, со кој, финансиски институции и банки ќе изразат подготвеност и интерес, да го финансираат тој проект. Нормално, најдобрите услови што ќе бидат понудени, ние ќе ги прифатиме, појасни Мицкоски.
Тој подвлече дека во суштина, се опфаќало довршување на клиничката болница во Штип, изградба на Медицински факултет заедно со нов студентски дом од двесте легла, изградба на болницата во Кичево со здравствен дом и целосна реконструкција на клиничката болница во Тетово.
– Тоа е она што е во прва фаза. Имаме рамка, слободни средства, за да влеземе и во втора фаза, а тоа е оној голем и долговетуван клинички центар во Скопје, истакна тој.
Мицкоски присуствуваше на денешната презентација на 11 реализирани проекти за 11 месеци, на Клиниката за детски болести.
Фото и видео: МИА