Откако дел од трговците ги качија цените на основните продукти кои не се дел од новогодишната кошничка, премиерот Христијан Мицкоски остро реагираше, по што биле забележани корекции на ваквите злоупотреби.

-Утрово разговарав со министерот за економија и труд Дурмиши, но и претходниве ден-два добивам информации од страна на Државниот пазарен инспекторат дека најголемиот дел од трговците ги враќаат цените на она ниво на кое што беа пред овие покачувања. Го почитуваат укажувањето и замолницата која јавно ја упативме до нив. Очекувам во периодот кој следи тоа да продолжи иако редовно со интензивна контрола од страна на Државниот пазарен инспекторат. Ќе се следи состојбата и доколку имаме девијантно однесување од страна на трговците, ќе бидат преземени мерки. Последната мерка која ја има Владата на располагање е да донесе повторно ограничување или лимитирање на цената, посочи премиерот.

За тоа, во моментов, нема потреба бидејќи најголем дел од трговците го почитуваат укажувањето на премиерот и Владата.