Кампањата на владата Ние сме Европа е еден плагијат, бидејќи нема ништо оригинално кај Владата на ДУИ и СДСМ, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на посетата на општина Гази Баба.

„Најмалку овие политички измамници, криминалци имаат право да се повикуваат на Европа, бидејќи тие се срамот за Европа. Се додека овие луѓе се претставуваат себе си како промотори на европските вредности, за жал и кредибилитетот на самата Европа во очите на граѓаните ќе опаѓа“, кажа Мицкоски.

Овде, додаде тој, и европските дипломати имаат можност да интервенираат кај Владата да не ја злоупотребува Европа, „бидејќи европска вредност не се чекорите на Владата да потпишува на слепо секакво национално предавство, туку европска вредност е она за што зборував претходно, како квалитетно образование, здравство, силна економија и слично, тоа е вистинска европска вредност“.

Мицкоски укажа дека се што Владата прави нема врска со европска вредност.

„Не е европска вредност да клекнете во Софија и да потпишете договор или протокол со кој национално ќе го обезличите народот и да се претставувате како европски политичари. Тоа е предавство и за тоа предавство историјата ќе суди“, заклучи Мицкоски.