Јасно е дека мал дел од обвинителите и судиите се последниот браник на Владата на СДСМ и ДУИ. Јасно е од нивното однесување. И јасно е тоа што го прават дел од членовите на Судскиот совет дека, практично, тие ги поддржуваат тие политики и таквото однесување. Исто така недвосмислено е јасна одлуката на тие кои што ги гласаа, а тоа се пратениците во македонското Собрание, истакна премиерот Христијан Мицкоски денес од Ѓорче Петров, одговарајќи на новинарско прашање.

-Кога тие кои што претходно ви ја дале довербата, ви гласаат интерпелација, односно недоверба, доблесно и чесно е да не правите трикови и да не барате дупки во законите, да си заминете. Многу едноставно. Гледаме дека поединци од таму тераат инает, мислат дека со инает ќе успеат нешто да направат. Јас сум постојано со народот и го слушам народот како реагира. Сакам да кажам дека доколку не постапат соодветно на одлуката на тие кои ги бираа, а тоа се парламентарците, се плашам дека може да им се случи народ. Да се самоорганизира и да протестира затоа што народот е желен за правда. Ние излеговме на избори, освоивме пола милион гласови, нас ни беше многу важен дел од програмата – правдата. Правда за сите, не само за поединци. И во име на тоа, имам чувство дека доколку дојде до ваква ескалација и да излезе народ да протестира, дека тој може да биде многуброен и нормално, поддржан од мене, порача премиерот.

„Ако се служат со трикови, водат инает, може да се самоорганизира народ и ќе им се случи народ“, заклучи Мицкоски.

Во однос на обвинувањата дека ваквата најава е преседан и дека се врши директно класичен упад врз судската власт, премиерот Мицкоски додаде:

„Видете, јас не мислам дека ова е преседан. Не мислам дека вршам упад. Јас само како претседател на Владата предупредувам на последиците од однесувањето на членовите на Судскиот совет, дека може да се случи народ.

Тоа е моја должност. Да не биде после не сум предупредил, да не биде после не сум кажал. Затоа што, ако нè фатат во спиење и ни се случи народ, тогаш се плашам дека може да има поголеми последици како во минатото, се сеќавате имаше и други претседатели на Влада коишто буквално ги користеа заканите за да партизираат во судството.

Ќе ве потсетам, за мене крајно дрски и разочарувачка одликата на Судскиот совет, за вршител на должноста, претседател на Врховниот суд, да постави човек којшто доаѓа буквално од кожната фотелја во салонот во Речица.

И сега што зборуваме ние, и како тоа да не го иритира народот? Па нормално е дека ќе народот биде иритиран.

Јас не знам зошто сме изненадени и кој е изненаден? Јас воопшто не сум изненаден, јас само пренесувам тоа што го слушам. Бидејќи сум секој ден со народот, помеѓу граѓаните разговарам и гледам дека навистина се луѓето вознемирени. И загрижени. Затоа што децата си одат, не си одат поради економски причини. Сега за волја на вистината процесот и е обратен. Но до скоро си одеа затоа што чувствуваа дека нема правда. И тоа е суштината. Јас сум само должен да предупредам, да не биде потоа не сме знаеле и не сме кажале.“

Во однос на членовите на Судскиот совет, на коишто им е изгласана интерпелација и платите кои ги земаат како функционери со највисок коефициент, Претседателот на Владата, потенцираше:

„Па очигледно граѓаните, сè додека не заминат од тоа место каде што се, уште некое време, ќе треба да ги плаќаат преку Буџетот, нивните високи плати и затоа тие се вознемирени. И затоа јас го чувствувам, ја чувствувам таа негативна вибрација кај граѓаните, гледам дека работата зоврива и дека можно е да се самоорганизираат. И тоа може да бидат масовни протести. И тука сум веќе и јас загрижен, бидејќи логично е да се грижиме за безбедноста на државата.“, одговори Мицкоски

Фото: МИА