Нека е вечна суверена, независна и самостојна Република Македонија, се вели во честитката од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по повод 8-ми Септември – Денот на независноста на Република Македонија:

Дозволете во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани да им го честитам 8-ми Септември – Денот на независноста на Република Македонија. Овој празник е круната на борбата за независна, самостојна и суверена македонска држава, денот кога се исполни идеалот на Илинденците и борците од НОБ, но и илјадниците храбри синови и ќерки на Македонија кои се бореа и ги положија своите животи за своја држава.

Токму на 8-ми Септември 1991 година, на референдумот, народот во Македонија го оствари тој сон и започна сам да ја гради својата иднина и иднината на својата татковина, како рамноправна земја со сите останати во Европа и светот. Патот беше и се уште е трнлив и со многу премрежија.

Идејата за просперитетна Република Македонија никогаш нема да престане, особено сега, во време на економско тонење, анационални политики на власта и негирања од надвор. Таа идеа живее кај Македонците, но и Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите и сите останати кои ја сакаат својата Македонија како свој дом, кој го наследиле од своите предци, но кој го должат на сите идни генерации. Новите предизвици бараат сплотеност во ова време- невреме на безнадежност која оваа власт го донесе. Државата не се само границите и институциите, туку и народот и неговите потреби. Среќата на овој народ е заменета со бесперспективност која е резултат на криминалот и корупцијата, беззаконието и неправдата, но и поделеноста и социјалната нерамноправност кои ги создаде владејачката елита. Но борбата за подобро утре никогаш не смее да престане. Таа борба денес се води и народот ќе ја извојува победата. Од ново над Македонија ќе огрее сонцето на слободата и успесите ќе ги заменат неуспесите, правото ќе ја победи неправдата, напредокот ќе ја порази апатијата, подобрата иднина ќе ја смени оваа зачмаеност.

Нека е вечен Денот на независноста!

Нека е вечна борбата за просперитетна, европска и успешна Македонија!

Нека е вечна суверена, независна и самостојна Република Македонија!

Со почит,

Проф. д-р Христијан Мицкоски

Претседател на ВМРО-ДПМНЕ