Нашиот дом е Македонија, го повикувам СДСМ да застане на страната на народот, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Отчетот за градоначалниците од источниот дел на Македонија.
Во продолжение целото негово обраќање:
Почитувани градоначалници и советници од општините Кочани, Штип, Виница, Чешиново Облешево, Карбинци, Зрновци, Македонска Каменица, Пехчево и Ранковце.
Пред изборите си ветивме едни со други дека никогаш, ама баш никогаш нема да заборавиме на народот. И еве не, стотина дена по почетокот на вашите мандати со отчет за сработеното пред граѓаните.
Поминавме низ пеколен период, но без лажни оправдувања, без изговори денес гледаме во очи на народот и даваме пресек за тоа што сработивме. Затоа што позади нас има труд, има работа и почнуваме промени кои ќе донесат иднина.
Заедно со сите вас почнавме да работиме уште првиот ден. Не заборавивме од каде почнавме, но и што мораме да направиме. Секое наше ветување е обврска до која стоиме и за која се бориме. Но и да не заборавиме што затекнавме. Хаосот, безредието, затворените општини, корупцијата, енормно повторувам енормно презадолжени општини, неработата, неспособноста и сето тоа започнавме да го менуваме. И затоа денес и пречи на власта затоа што правиме отчет. Затоа што успеавме во 100 дена да направиме повеќе од тие за 4 години.
Овие 100 дена се сублимат на многу мали, но еднакво вредни победи за сите нас. Но и големи проекти за кои треба волја, но и знаење. А, вие самите знаете дека никогаш не ветувавме чуда, но се чувствува дека носиме ПРОМЕНИ ШТО ЈА МЕНУВААТ СЕГАШНОСТА, ПРОМЕНИ ШТО НОСАТ ИДНИНА и промени за кои заедно се бориме.
Кога политичките конкуренти напаѓаа, ние работевме, кога тие критикуваа ние решававме проблеми. Кога тие ја плашеа јавноста, ние создававме. И затоа се гласни кога треба да молчат. Ние ПОКАЖАВМЕ ДЕКА УМЕЕМЕ, И МОЖЕМЕ. И тука има нешто што тие го немаат. Нови луѓе, со нова енергија и план кој го содржи клучот- РАБОТА, РАБОТА И МНОГУ РАБОТА.
Во изминатите 100 дена започнавме повеќе од 1090 проекти. Од кој 166 капитални објекти низ целата територија на Македонија.
Голем дел од овие проекти се реализирани токму и во општините кои денес даваат отчет, а за кој нивните градоначалници понатаму детално ќе говорат после моето обраќање.
Започнати се со проектирање, градба или реконструкција нови 33 градинки и 68 училишта. Точно 206 улици и патишта се градат или реконструираат со вкупна должина од околу 100 км. Се инвестира во градба на 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови. Расчистени се околу 200 диви депонии.
Секој си го поставува прашањето дали сето ова е доволно? Секако дека потребно е повеќе и уште подобро. И ние не застануваме. И ние НЕМА ДА ВЕ ИЗНЕВЕРИМЕ! Бевме заедно кога имаше и поплави, и кога имаше пожари, и кога тутунот не се откупуваше и кога Македонија практично беше нападната од сите страни, кога државата затвораше врати за народот преку оваа Влада. Ние заедно со народот, со луѓето на Македонија од сите вери и нации се боревме за иднината која што ја заслужуваме.
Затоа продолжуваме да работиме за ПРОМЕНИ КОИ МОРА ДА СЕ ПОДЛАБОКИ И ПОШИРОКИ!
И ова е почетокот за нашата заедничка визија за иднината за која се бориме и иднината која ја заслужувате, за градоначалници кои се вашиот глас во институциите и државата, за политичари кои се вашата сила во општеството кое мораме да го менуваме.
ЗАЕДНО ДО ЦЕЛТА. Заедно во нови успеси и проекти.
И ЌЕ СЕ ИЗБОРИМЕ, за многу нови победи. Надежта е родена и таа ќе победи. Затоа што наша задача и наша обврска се ПРОМЕНИТЕ ШТО НОСАТ ИДНИНА за секој еден човек!
Локалната самоуправа, општините се крвотокот на слободата во една држава, и тоа е островот од кој започнуваат промените за иднината за која се бориме за секој човек.
Драги пријатели,
Морам да прокоментирам и збор два за власта. Им благодарам што се заинтересираа да пребројуваат колку точно проекти сме започнале со реализација. Ова да бидам искрен особено ми импонира затоа што доаѓа од политичка структура СДСМ-ДУИ која е се уште локална власт во повеќе од дваесет општини во Македонија, а од каде за жал до ден денешен, поминаа 100 дена не видовме ниту еден отчет за тоа што тие го направија и што тие сработија. И затоа тешко им паѓа кога гледаат дека даваме отчети.
Веројатно мислеле и мислеле како тоа да го дефокусираат па се насочија кон проектите на ВМРО-ДПМНЕ. И не се жалам, тоа е добро, барем ќе научат нешто за работата. А, нели јас сум човек кој сака да е математички прецизен, па еве гласно велам тоа повеќе од 1090 проекти од кои 166 капитални проекти сработени од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. И знам дека им е тешко да ги соберат проектите кои се многу, затоа што заевизмот кој се уште силно владее во СДСМ се разбира само од една математичка операција, а тоа е одземање. За да не се препелкаат ги поканувам од СДСМ на еден од регионалните настани кои ги организираме па градоначалниците прецизно како што тоа го прават пред целиот народ ќе ги запознаат со проектите на кои работат. И овие 1090 проекти ќе беа најмалку двојно повеќе ако СДСМ и ДУИ оставеа општини на здрави нозе, а не упропастени и блокирани во долгови.
И зошто сум особено горд на сработеното? Затоа што секој проект е направен во услови на операција на систематско уништување на локалната самоуправа од страна на централната власт. Вистинско херојство е секој сработен проект на пример во Штип, бидејќи само јавното претпријатие ИСАР го оставија со повеќе од 300 милиони денари долг, тоа се повеќе од 5 милиони евра. Значи само едно претпријатие со 5 милиони евра долгови. Малата општина Пехчево има долг од близу милион евра или поточно 900.000 евра, додека пак половина милион евра долг има и Чешиново – Облешево, и уште многу други работи ќе си го кажат тоа градоначалниците понатаму.
Операцијата за систематско уништување на локалната власт опфаќа континуирано намалување од дотациите што владата треба да ги дава на општините, а тоа се пари на граѓаните, тоа не се пари ниту на Заев, ниту на Ковачевски, ниту на Бујар Османи, ниту пак на Артан Груби. Тоа се пари на граѓаните кои преку дотациите владата треба да ги дава на општините. А, бидејќи тие се скратени, тоа значи дека има помалку пари за плати, за проекти, за развој. Зошто? Затоа што ВМРО-ДПМНЕ го декласираше СДСМ заедно со народот, а сега веќе завршените локални избори.
Вториот удар од ваквата акција на власта на СДСМ – ДУИ е токму енергетската криза. Владата ја донесе кризата, а општините ја плаќаат. Имено сметките за струја вртоглаво растат, а снабдувачите со струја ги откажуваат договорите за снабдување со струја. За 4 до 5 пати повисоки сметки треба да се платат со парите на граѓаните.
Ваквиот удар за систематско уништување на општините е удар на централната власт врз народот. Но, тоа нема да не поколеба да отстапиме, и затоа ќе работиме уште посилно. И на крај ќе ги смениме. А, после смената ќе има одговорност. Од промените нема да избегаат. Кога влада удира по народ, на таа влада и се случува – народ!
Драги пријатели,
Сосема на крај дозволете да се обрнам и на неколку политички поенти.
Пред два дена подадов рака за единство за националните прашања. И тоа го направив затоа што предолго буквално предолго политичките партии и ние како општество се гледаме низ нишани, додека народот страда. А, воедно тоа го направив и токму затоа што ВМРО-ДПМНЕ е еден од најсилните стожери врз кој се потпира нашиот дом, во најсилните бури и искушенија. И не дека ќе нема нови, можеби и посилни, но не е сеедно кога гледате како на една страна сме ние заедно со народот, а на другата страна надвор од домот владата со нејзините министри. За сите има место во домот со заеднички покрив и за тоа треба да си подадеме рака во ситуација кога имаме бури и искушенија и тоа само за прашањата кои се од државна и национална важност.
Она што ме загрижува е што во континуитет токму СДСМ и овој слепиот следбеник на заевизмот, Ковачевски се повеќе се одалечуваат од потребата за национален консензус за прашања кои се суштински важни за народот и заедничката иднина. Спорот со Бугарија останува отворен и се попродлабочен. Најпрво мислев дека се работи за незнаење, на немање на чувство за моментумот, но се повеќе станува јасно дека станува за тенденција на Ковачевски и владата да не сакаат да постигнат национално единство. Отсуството на единство за вака важни прашања значи само нов пораз за Македонија и македонскиот народ. А, ако ова се лекциите на Заев кои ги следи Ковачевски, јас би му порачал да се тргне од таа прегратка затоа што лош е учителот, а нема поголем учител од волјата и гласот на народот затоа што тој никогаш не греши.
Вчера го слушам како вели дека местото за национално единство било во Собранието, а демек ВМРО-ДПМНЕ таму блокирало. Во основа и во суштина ова е неточна теза. Ќе ви кажам зошто, ако веќе така размислуваат тогаш токму таму, во Собранието се наоѓа Декларацијата за македонскиот титан, Ѓорѓи Делчев, нека ја прифатат, а не да ја одбиваат како што тоа го направија. И доколку не им е прифатлива тогаш јавно нека кажат во кој дел не се согласуваат со содржината на Декларацијата. Ако под единство во Собранието подразбираат да го поминат законот за марихуана, тогаш ниту за 100 години од сега нема да се согласиме, затоа што ВМРО-ДПМНЕ, додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ, бизниси на грбот на народот ниту ќе води, ниту ќе толерира.
Токму затоа уште еднаш апелирам на национално единство за најважните прашања. Нека ја сфатат многу сериозно важноста на историските мигови кои ние како генерација ја носиме. И не знам зошто му е туѓо на Ковачевски да постигнеме национално единство? Ако барем се договорени шверцерски со Бугарија тогаш тоа треба јасно да го кажат уште сега. Затоа што идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ таков шверцерски договор нема намера да почитува. Ако него му е туѓо македонското, тогаш уште сега да си кажам дека тоа нам не ни е.
Спремен сум да ја премостам секоја разлика само Владата да ги заштити националните интереси ако веќе не ги распродала, и таа врата за ова прашање е секогаш широко отворена. Треба да знае во состојба на силни удари, предизвици ВМРО останува да биде тој стожер на нашиот дом.
Затоа драги пријатели, нашиот дом мораме да го градиме и негуваме. Овие промени кои ги направија за само 100 дена градоначалниците се искра надеж за тоа што можеме да направиме за нашата Македонија. Секое исправување, секој проект е една наша заедничка победа. А, таа победа е промената која треба да се случи за иднината на нашата Македонија. Тие мали победи се кимвалот на промените кои доаѓаат и кои мора да бидат организација, движење, организирана волја на сите слободни индивидуи, паметни млади и стари, десни, центар и леви, христијани, муслимани, атеисти. Затоа што тоа е Македонија, една, наша заедничка, засекогаш. Борбата продолжува и победата е тука. За промени што носат иднина.
Да сте живи и здрави!
И да ни е жива и здрава Македонија! 👇