Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер на Република Македонија, Христијан Мицкоски во интервју за централниот Дневник на телевизија Сител истакна дека информациите кои пристигнувале до него се катастрофални, односно државата е во лоша состојба, но сепак како идна влада ќе работат за брзи резултати.
„Информациите кои доаѓаат до мене се катастрофални односно алармантна ситуација која владее во Македонија и која е наше секојдневие и тоа нема да не изненади ниту нас, ниту граѓаните ако кажеме дека е лоша состојбата. Впрочем нема човек кој денеска во Македонија вели дека е добра состојбата нема таков и впрочем тоа беа и резултатите на изборите кои се случија на 8 мај и знам дека ќе немаме 100 дена, впрочем немаме ниту минута, бидејќи веќе почнаа нападите кон нас, а не сме ниту влада. Претпоставувам дека за 6 дена треба да е нашиот прв работен ден, а веќе почнаа нападите“, посочи Мицкоски.
Мицкоски продолжи и додаде дека владата ќе се води по ветувањата кои ги дале во кампањата и укажа на тоа дека веќе две ветувања се исполнети.
„Ние ќе се водиме до тоа кое го ветувавме во кампањата веќе две ветувања испорачавме. Првото ветување е дека ќе се случи реорганизација на владиниот кабинет и тоа се случи со мнозинство од 88 пратеника и втората работа е тоа дека ДУИ ќе биде опозиција и тие се во опозиција“, дециден е Мицкоски.
Ток кажа и дека на заклетвата кога ќе стане премиер, во Собранието ќе го користи уставното име (Република Северна Македонија) и со тоа ќе го затворел ова прашање кое е многу актуелно по одбивањето на новата претседателка Силјановска на заклетвата а и подоцна во секоја прилика да одбегнува да го користи уставното име со додавката Северна по договорот со Грција познат како Преспански договор.
„Не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите, а ние сами да ги кршиме,“ изјави Мицкоски, нагласувајќи ја важноста на правната држава и примената на законите од страна на сите граѓани, вклучувајќи ги и политичарите.
Мицкоски дополнително објасни: „Уставното име на државата е јасно, не треба сега тука ние да имаме двојни стандарди да се чувствуваме пред граѓаните неодговорно или да ги доведуваме во заблуда, се знае кое е уставното име тоа е со придавката“.
Тој истакна дека прв приоритет на новата влада ќе биде борбата со криминалот и корупцијата.
„Уште во првите денови на формирањето на новата влада ќе имам работен состанок со новиот министер за внатрешни работи, господинот Панче Тошковски. Мора да има одговорност за сите оние сомнежи, за сите оние докази коишто изминативе денови стигнаа до нас за сторен криминал во изминатиов период, но истовремено јавно кажувам и тоа го повторувам континуирано дека нема да има толеранција за ниту еден член на владата или било кое избрано лице коешто ќе биде поврзано со афери за криминал и корупција“, истакна Мицкоски.
Тој исто така потенцираше дека лично ќе се занимава со тоа ваквите појави да бидат санкционирани бидејќи Македонија нема простор за таков луксуз.
„Лично јас сум тој којшто ќе се бори против тоа и лично јас ќе бидам тој којшто веднаш ќе дејствува и ќе бидат истите променети затоа што за мене тоа што било патриотизам во 19-тиот век поврзано со кобурата и со камата денеска во 21-от век преставува чесно работење, работење согласно закон и Устав доколку ја добиете довербата од граѓаните. Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја добија довербата од граѓаните, јас не очекувам ништо помалку од тоа што преставува чесно работење согласно законите и Уставот“ истакна Мицкоски и додаде:
„Било каква поврзаност на било кое избрано лице со криминалот и корупцијата лично од моја страна ќе биде санкционирано. Немаме простор за таков луксуз“.