МИЦКОСКИ: Не постои европски фронт за Македонија или проруска Македонија, постои само Македонија со иднина која сами ја градиме

/ 24.05.2023

Сакам да порачам нема лева или десна, постои само една Македонија! Не постои понуда за брод на кој мораме да се качиме за ЕУ, во делови или целосно. Постои работа, труд, реформи и принципи кои мораме да ги направиме за да влеземе во ЕУ, необезличени и со достоинство, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговиот говор при денешната свечена церемонија во црквата Св. Софија, по повод одбележување на на празникот на рамноапостолите Св. Кирил и Методиј.

Мицкоски истакна дека не постои европски фронт за Македонија или проруска Македонија, постои само Македонија со иднина кои сами ја градиме, со европска перспектива кои сами мораме да ја оствариме.

-Ова е Македонија за сите. Македонија која е нашиот единствен дом, нагласи Мицкоски.

Тој посочи дека ние Македонците ја имаме оваа, наша, држава, држава за којашто нашите предци се бореле, крвавеле, гинеле.

-Оваа држава оставена во наш аманет. Оваа држава каде растат нашите деца. Македонија којашто е наш дом. Ние ја чувствуваме Македонија како наш дом и затоа го штитиме овој дом. Никој не може да ја сака оваа држава повеќе од нас Македонците. И затоа ние ќе направиме се оваа држава да успее. Да не се предаваме пред умирањето на надежта, да не се откажуваме лесно од она што е наше, да се бориме да направиме достојна држава за живеење за секој во Македонија. Бидејќи Македонија за сите, Македонија за сите граѓани, мора да биде реалност, изјави Мицкоски.

Тој додаде немаме друг избор, изборот е едноставен или ќе направиме држава каде ќе се цени квалитет, чесност, каде ќе има систем што сега не постои, или ќе имаме постојано порази на сите полиња и не смее да има граѓани од прв и втор ред, не смее некој да игра со нашата судбина, потенцираше Мицкоски.

-Ако има некое дете на улиците во Скопје, кое не знае да чита, верувам дека тоа ме засега и мене, иако не е мое дете. Повозрасен човек кој не може да си плати за своите лекарства, тој ме засега и мене иако тој не е мој роднина или родител. Ако има некој млад човек кој има капацитет, сила за наука и мотив, а нема доволно средства за школување, тоа е и моја загуба, иако тој млад човек не е мој познаник или пријател. И мораме да го запазиме тој фундамент дека и да јас сум чувар и јас имам одговорност и за тоа дете кое не знае да чита, за тој млад човек кој пропушта шанса за образование или за тој повозрасен човек кој не може да си плати за своите лекарства. Затоа велам сите ние сме како еден. И така мора да се однесуваме за секој предизвик со кој се соочуваме. Само така е се помагаме и поддржуваме еден со друг и така ќе постигнеме национално единство за кое говорам. Така ќе бидеме брана и за сите национални удари врз нашите темели, рече Мицкоски во неговиот говор.

Свети Кирил и Методиј оставиле дело кое не само што е пред времето, туку еден милениум подоцна го победува времето и останува да свети пред луѓето, истакна денеска во својот говор на Одбележување на празникот на рамноапостолите Св. Кирил и Методиј на свечена церемонија во црквата Св. Софија- „Милениумско дело и завет“ во Охрид, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Во продолжение интегрален текст и видео од обраќањето на Мицкоски:

-„Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен!“ пишува светиот евангелист Матеј глава 5, стих 14.

Почитувани екселенции, професори, медиуми

Драги пријатели, браќа и сестри,

Ќе ми дозволите на самиот почеток на овој мој денешен говор да му го честитам именденот на градоначалникот на Охрид, мој пријател, другар Кирил Пецаков, на кој од срце му го честитам денешниот именден, да му посакам здравје, многу успеси како лични, така и за народот на кој му служи.

Така свети и денес милениумското дело на Светите браќа Кирил и Методиј кое остава неизбришлива трага врз развојот на македонскиот и останатите словенски народи.

Светите браќа Кирил и Методиј се нашата светлина, нашиот прозорец кон Светот, нашето непроценливо богатство кое со голема надеж и со огромна волја и го предаваме на човештвото.

Тоа се добротворите на најсилното оружје кое еден народ може да го има во своите раце – писменоста, како средство за борба против незнаењето, словото како светлина која овозможува народите да прогледаат и да застанат на свои нозе, и да ја осознаат и ценат својата самобитност.

Затоа што Македонците, дури и при најтешките искушенија секогаш го славеле Бога, се молеле за својата слобода, верувале во своите сили и ја сакале правдата. И секогаш Бога дури и тогаш кога длабоко како народ сме паѓале на искушенијата, не вдахнувал со луѓе кои не предводеле низ тие бури оставајќи свои печати и дела за паметење, се до наредната победа, било да е културна, или историска, општествена или државна.

Свети Кирил и Методиј оставиле дело кое не само што е пред времето, туку еден милениум подоцна го победува времето и останува да свети пред луѓето, исто така како што и апостолот Матеј пишува во евангелието за порака до верниот народ со која го започнав токму овој мој денешен говор.

Нивното дело има идеја која е бескрајна, создавајќи работи надвор од имагинацијата на времето и просторот во кој живееме.

А најдобриот начин да се опише нивниот творечки живот и дело е едноставно како еден голем милениумски завет кој се уште трае и го победува времето.

Почетоците на тој милениумски завет, браќата го започнуваат од Солун во 9-тиот век, а подоцна стануваат мисионери на христијанството помеѓу Словените од Моравија и Панонија. И токму затоа тие ја добиле титулата апостоли на Словените. Тие се автори на глаголицата како првата азбука со која препишува старословенскиот јазик, но подеднакво важни се нивните мисии за христијанизација и покрстување, како и отворање училишта за описменување на народот.

Нивното семе подоцна се раширува низ Светот, нивните ученици Свети Климент и Свети Наум, Седмочислениците Сава, Гораст и Ангелариј и мнозина други работат на тоа што СВ Кирил и Методиј го започнаа. И тоа се плодовите на едно благословено дрво кое нахрани многу народи со писменост и светлина. Од тоа плодоносно дрво подоцна се доби и кирилицата кое како писмо остави особен печат врз македонскиот и останатите словенски народи.

Од оваа гледна точка многу простодушна изгледа борбата за присвојување на делото на Свети Кирил и Методиј бидејќи истото ги надминува сите поединечни интереси и тоа не му служи ексклузивно само на еден народ, ами на светот кој се поклонува пред истото.

И затоа навистина е беспредметна и иако можеби на моменти емотивна, сепак многу ограничена и несуштинска дебатата чии се Светите браќа Кирил и Методиј. Притоа знаејќи го и целосно поклонувајќи се на големината на нивното просветителско дело и габаритот на нивниот милениумски завет.

Тие му припаѓаат на цивилизираниот свет, и ние како нивна колевка, како и земја и народ од кој потекнува тоа семе, овие просветители целосно се согласуваме да се слават од сите народи во цивилизираниот свет на кој му подарија слово, букви, писменост и просветление.

Но воедно, дозволете да бидам подеднакво гласен и да не се согласам со ирационалноста на политиката на источниот сосед кој негира секаква наша поврзаност со овие свети браќа и нашето човечко и цивилизациско право да се потпираме на нивното дело и да полагаме право на нивното наследство. И во тие нивни негаторски политики не само што нема никаква историска поткрепа, туку се повеќе станува очигледно дека нема темел на кој се потпира оваа Македонија и народ кој не сакаат силно да го затресат.

„Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво?

Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде, или завидлив, па тоа да не го сака?” велеше Свети Кирил.

И тука она што признавам дека не ме остава рамнодушен е тоа што нашите првенци од власта остануваа молчаливи во однос на многу отровни стрели и пропагандни пораки на источниот сосед.

И како што вели еден значаен деец „на крајот нема да се сеќаваме на зборовите на нашите непријатели, туку на молкот на нашите пријатели” – и тоа не е епизодата која треба да ја дозволиме да се случува пред очиглед на сите во Европа со судбината на нашиот народ и Македонија чии што темели се опасно разјадени.

И да бидам јасен, во овој мој говор нема да зборувам за дневната политика, нема ниту еднаш да ги споменувам имињата на носителите на власта, поради почит кон делото на просветителите кое го одбележуваме, почит кон црковно достојниците и самата црква од која се обраќам. Ќе зборувам за она што суштествено е најважно за нашиот народ и Македонија, а тоа иднината, за проблемите кои се суштински и за кои недоволно се говори.

И оние кои што зборуваат дека немаме долг кон историјата при одлуките кои ги носиме за иднината, ви велам дека грешат и тоа го велат само затоа што не знаат каде да погледнат.

Монументалното дело Плаошник и првиот Свети Климетнов универзитет говори за нашата просветителска ренесанса. Овие свети ѕиднини на црквата СВ Софија во која денес се наоѓаме се издигнати по големата мисија на Свети Кирил и Методиј, и токму ова место било срцето на славната Охридска Архиепископија и нејзин соборен храм. Токму низ овие тули, нив овие свети фрески се создавала историјата која сведочела за постоењето на нашиот народ и црква.

А што е манастирот Свети Наум Охридски на само триесетина километри одовде ако не победа на нашата култура, вера и историја.

Затоа ние како генерација која започнува да ја носи на свои плеќи оваа судбоносна борба за градење на иднина каква заслужува секој еден човек во нашата татковина, и борба која подразбира промена на нашето однесување и исправање на се што е погрешно овие 32 години независност со надеж да го вратиме ентузијазмот и мотивот кај луѓето на Македонија, велиме ќе работам, ќе се жртвувам, ќе се борам искрено и секој еден треба да знае дека ќе го дадам својот максимум, како што и секој еден треба да го даде својот максимум, последниот атом од силите за да изградиме нова подобра иднина за сите луѓе во Македонија, да го вратиме мотивот за создавање на вредности, да ја градиме нашата држава, чесно, искрено, посветено.

Да не го разочараме народот кој е во апатија, да покажеме дека има многу повеќе шанси зад темниот хоризонт кој мора заедно да го менуваме.

Мораме да сфатиме дека нема такво моќно оружје во светот како што е борбата за економска обнова, културен развој и технолошки напредок. А сето ова зависи од волјата на слободните мажи и жени, од луѓето на Македонија. Тоа е нешто што ние како народ и држава го поседуваме, но треба да дојдат одговорни луѓе кои ќе дадат шанса на огромното мнозинство кое го носи тој потенцијал.

Пред повеќе од еден милениум, Светите Кирил и Методиј на светот му ја носеа писменоста. Денес ние на Македонија мораме да и ја донесеме иднината која овој народ ја заслужува и му е неопходна.

Лошата вест е што врхушката на општеството е фрагментирана и драматично поделена за сите прашања и теми за кои мора да постои единство. Сите мои предупредувања и повици за национално единство за важните теми за Македонците за жал се одбиени од другата страна, а кога постои неединство, тие кои го сакаат туѓото, единствено ја користат таквата необединетост.

И кога нема мудрост и разбирање за национално единство кај носителите на власта, тогаш јас повикувам на единство на народот и национално обединување. И воедно ние како политичка партија и јас лично ја прифаќаме улогата да бидеме на браникот пред сите налети на национално обезличување, опустошување и обезличување. И таа брана нема да распука затоа што народот е посилен од секоја клика, од секоја друга власт. Повикувам на обединување на народот и национално единство за да не бидеме уценувани повеќе од никој друг, за да обезбедиме конечно иднина во која веруваме.

Заедничкиот патриотизам подразбира обединување на луѓе од различни националности, вери и припадности во потрагата по заедничката среќа и обезбедувањето на шанси за нов почеток и развој. Заедничкиот патриотизам значи и национално единство кое обезбедува борба на принципи и вредности и враќање на надежта дека ќе го менуваме системот. Тоа е шанса и светлина за која вреди да се бориме.

Почитувани присутни,

Македонскиот јазик е нашата суштина. Тоа е јазикот на кој растеле нашите баби дедовци, мајки и татковци, ние и нашите деца. Ова е јазикот на кој се раскажува нашата историја. Македонскиот јазик е нашата приказна во светот. Нашиот идентитет. Дојде време по повеќе од 30 години независност да се докажуваме за нешто што нема потреба. Дојде време да се објаснуваме за нешто што не смее во 21 век да биде предмет на расправа.

Ние Македонците ја имаме оваа, наша, држава. Оваа држава за којашто нашите предци се бореле, крвавеле, гинеле. Оваа држава оставена во наш аманет. Оваа држава каде растат нашите деца. Македонија којашто е наш дом. Ние ја чувствуваме Македонија како наш дом и затоа го штитиме овој дом. Никој не може да ја сака оваа држава повеќе од нас Македонците. И затоа ние ќе направиме се оваа држава да успее. Да не се предаваме пред умирањето на надежта, да не се откажуваме лесно од она што е наше, да се бориме да направиме достојна држава за живеење за секој во Македонија. Бидејќи Македонија за сите, Македонија за сите граѓани, мора да биде реалност. Немаме друг избор. Изборот е едноставен или ќе направиме држава каде ќе се цени квалитет, чесност, каде ќе има систем што сега не постои, или ќе имаме постојано порази на сите полиња. Не смее да има граѓани од прв и втор ред, не смее некој да игра со нашата судбина.

Драги пријатели,

Мојата приказна како човек е слична со приказните на повеќето семејства во Македонија. Транзицијата во деведесеттите како морален пад на вредности и сите оние премрежија кои се случија оставија трага и во мојот развој како млад човек кој сведочеше на удирањето на темелите на независна Македонија, исто како и моите врсници тој период. Сите тие болни предизвици ги надминуваме со голема надеж дека само што не сме направиле голем исчекор напред и ентузијазмот поради создавањето на својата држава. Тој ентузијазам како и кај повеќето во државата се гасеше со одминување на времињата и големите премрежија кои се случуваа. Јас како индивидуа верувам во американскиот принцип „на еден од сите, на поврзаност како едно“.

Ако има некое дете на улиците во Скопје, кое не знае да чита, верувам дека тоа ме засега и мене, иако не е мое дете. Повозрасен човек кој не може да си плати за своите лекарства, тој ме засега и мене иако тој не е мој роднина или родител. Ако има некој млад човек кој има капацитет, сила за наука и мотив, а нема доволно средства за школување, тоа е и моја загуба, иако тој млад човек не е мој познаник или пријател. И мораме да го запазиме тој фундамент дека и да јас сум чувар и јас имам одговорност и за тоа дете кое не знае да чита, за тој млад човек кој пропушта шанса за образование или за тој повозрасен човек кој не може да си плати за своите лекарства. Затоа велам сите ние сме како еден. И така мора да се однесуваме за секој предизвик со кој се соочуваме. Само така е се помагаме и поддржуваме еден со друг и така ќе постигнеме национално единство за кое говорам. Така ќе бидеме брана и за сите национални удари врз нашите темели.

И сакам да порачам нема лева или десна, постои само една Македонија!

Не постои понуда за брод на кој мораме да се качиме за ЕУ, во делови или целосно. Постои работа, труд, реформи и принципи кои мораме да ги направиме за да влеземе во ЕУ, необезличени и со достоинство.

Не постои европски фронт за Македонија или проруска Македонија, постои само Македонија со иднина кои сами ја градиме, со европска перспектива кои сами мораме да ја оствариме.

Ова е Македонија за сите. Македонија која е нашиот единствен дом.

Драги пријатели,

Сакам во овој момент да ја дадам мојата целосна поддршка за нашата Света Македонска Православна Црква – Охридската Архиепископија. Нашата црква низ вековите била и остана еден од најсуштествените столбови за опстојување на народот. Секогаш таа била засолниште за сите премрежија низ која минувале луѓето низ вековите, а нашиот народ не престана да верува во Бога и да се моли на Бога.

Одлуката за канонско единство со останатите православни цркви е една од најсветлите одлуки важна за нашата црква и македонскиот идентитет и тоа најмногу е заслуга на МПЦ-ОА.

Воедно сите оние кои на некој начин сакаат да го тестираат единството во нашата Свети Климентова црква, како и да вметнуваат некакви зрна на сомнеж, нека ги погледнат преполните цркви, преполните манастири како најдобар доказ за живоста на нашата црква и нејзината сила и свесноста на верниците за предизвиците кои се случуваат. Некогаш молкот кој се случува за некои работи не е порака за согласност, туку одбивање да се влегува во плановите на оние кои го нарушуваат единството. И во поглед на актуелностите и случувањата јас поддржувам единствено непромена на уставот на МПЦ-ОА, под било каков предизвик, под било какви уцени, не смее да има промена на уставот на МПЦ-ОА. И силно поддржувам секоја понатамошна одлука која ќе значи потврда и зачувување на македонскиот идентитетски предзнак во суштествувањето на нашата црква. Верувам во светиот архиерејски синод и во мудроста на поглаварот Господин Господин Стефан.

Почитувани присутни,

Светите браќа Кирил и Методиј, веруваа во правото на секој народ да го користи својот јазик, а врз основа на тоа да го гради својот идентитет, литература и култура.

Нека ни е честит Денот и Големото дело на Светите Кирил и Методиј кое нè обврзува да продолжиме да ги промовираме нивната мисија на учење и традицијата која се темели на мирот, духовното богатство на луѓето, меѓусебното почитување, толеранцијата и солидарноста.

Тоа што светите браќа успеале да го направат пред повеќе од еден милениум само покажува дека можеме и мораме и денес да се носиме рамо до рамо со останатите европски народи и заедно со нив да придонесуваме кон градење на европската иднина. Многу народи се благодарни на делото на Кирил и Методиј и влијанието кое тоа го направило во Светот, а ние мора да бидеме горди чувари на нивниот завет. Да го менуваме општеството,

А промените нема да дојдат сами или да ги донесе некој друг во друго време. Ние сме тие на кои се чека. Сите ние сме промената на која се чека.

Македонија на големи чекори напред и големи промени. Македонија која дава сигурност, дава перспективна шанса за секого. Македонија во која одлучувате вие.

Нека е вечно делото на Свети Кирил и Методиј, милениумско дело и завет.

Да сте живи и здрави

Да живее Македонија, рече Мицкоски.


Од истата категорија