Премиерот Христијан Мицкоски беше во посета на Општина Петровец. Тој присуствуваше на поставување камен-темелник на изградба на нов културен дом во Општина Петровец.

Мицкоски одговараше на новинарско прашање во врска со реконструкција на владата и дали ВРЕДИ ќе добие министерско место повеќе, бидејќи Беким Сали ќе ја заземе вицепремиерската функција.

-Тоа е одлука на нашиот коалиционен партнер и не значи дека ќе има ресор повеќе. Јас имам високо мислење за Беким Сали и тука не треба да имаме никаква дилема, но тоа не значи дека ќе има место повеќе во владиниот кабинет, рече Мицкоски.

Тој потенцира дека се фокусирани за Конгресот кој ќе се одржи на 6 декамври во Кавадарци.

-Потоа нормално формирање на партиската структура, извршниот комитет, општинските комитети и другите сатруктури и се додека тоа трае ќе размислуваме за одредени кадровски промени во рамки на Владата. Подготвен сум со секој да разговарам, тука нема никаква дилема во рамките на коалицијата, но се разбира мандатар сум јас и секако дека последниот збор како мандатар на Владата ќе го имам јас, потенцира тој и додаде дека:

„Реконструкција на Влада не се прави само да се реконструира Влада и пред било кој потег да се повлече треба добро да се размисли дали тоа ново кадровско решение ќе биде подобро од претходното. Така што тоа е еден процес на сериозна анализа“.