Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упати честитка по повод Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај во која изразува надеж дека работниците ќе го добијат заслуженото вреднување и уважување.
Во честитката, Мицкоски посочува дека денешниот ден е симбол на борбата за работничките права и на изразувањето работничка солидарност, но според него денес голем број граѓани во државата не можат да го остварат едно од нивните основни права – правото на работа, плата и пристоен живот.
-Работничките права се погазени, се обезвреднува и нарушува нивното достоинство. Политиките на владата практично го обезвреднуваат трудот на работникот кој се чувствува незаштитен. Доказ за ова е и последната изјава на министерката за финансии каде всушност рецептот за задржувaњето на бизниси посочи дека е преку отпуштање на работници. Тоа ќе значи десетици илјади нови невработени и десетици илјади семејства во сиромаштија. Никогаш состојбата со работничките права не била полоша. Постојат масовни отпуштања, за сметка на вработувања на некомпетентни партиски кадри на местото на способните, мобинг и заплашување кон работниците кое поминува неказнето. Работникот мора да го добие потребното внимание, вели Мицкоски во честитката.
Ја повикува Владата да ги почитува материјално-социјалните права на вработените утврдени во Уставот, законите и колективните договори и да придонесе за нивно унапредување, користејќи ги механизмите на социјалниот дијалог и колективно преговарање.