Премиерот Христијан Мицкоски вели дека со ребалансот на Буџетот не се кратат средства од здравството. Приоритет на Владата, како што денеска изјави, ќе биде завршувањето на изградбата на клиничките болници во Штип и Кичево, за што веќе се разговарало со една компанија.
– Веќе работиме со една компанија и тоа ќе го направиме по еден економски модел кој нема да значи сомневања за криминал, посебни специјални закони. Ќе има транспарентна процедура, тендерски ќе биде согласно законот. Се крати онаму каде требаше да се скрати, а тоа е да не се крати на болните од канцер, да не се плаќаат надоместоци за организациските директори, да не се крати од негата на луѓето на кои таа им е потребна, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Трубарево.
Според него, состојбата во здравството е апокалиптична и вели дека додека е претседател на Владата нема да дозволи сопственици на веледрогерии да се богатат на сметка на здравјето на граѓаните.
– Лично ќе ги гледам фактурите на Царина кога ќе се увезуваат медикаменти за да не може поединици да книжат ненормални суми пари на сметка на здравјето на граѓаните, изјави Мицкоски.