Премиерот Христијан Мицкоски со министерот за локална самоуправа Златко Перински присуствуваа на пуштањето на патот што го поврзува селото Палатица со крстосница на делницата Тетово-Требош во Општина Желино. Градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу информираше дека станува збор за делница од 1,5 километар за што се потрошени 20 милиони денари од државниот буџет и седум милиони денари од неговата општина.

– Ова не е само пат, ова е враќање на достоинството на граѓаните кои со децении чекале. Ова е исполнување на дадено ветување и отплата на институционален долг преку конкретна работа. Денес со нас е и претседателот на Владата, јасен доказ дека заедно на локално и централно ниво сме решени да го движиме развојот напред. Не со зборови, туку со дела работиме во секој дел од нашата општина им ставаме крај на заборавот, изолацијата и неправдата, истакна Сејдиу.

Министерот Перински рече дека со ова се реализираат ветувањата на Владата, а најави уште проекти во Желино.

– Само да потсетам Општина Желино при првиот владин повик доби 51 милион денари, на вториот владин јавен повик, општината аплицираше со 15 проекти во висина од 160 милиони денари. Приближно 1 200 проекти коишто произлегуваат од првиот и вториот владин повик, вчера имав прилика да потпишам нови 38 договори за нови 38 проекти од програмата којашто министерството за локална самоуправа ја спроведува во насока на намалување на диспаритетите помеѓу општините или нови 87 милиони денари коишто за многу скоро ќе влезат во реализација, рече Перински.

Премиерот Мицкоски истакна дека како Влада е да обезбедуваат подеднакви правилни услови за развој на сите деловите од целата територија на државата, без разлика дали таму живеат Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци или останати.

– Нема делба, секаде подеднакво се развиваме и секаде подеднакво ќе инвестираме, додека јас сум претседател на Владата гарантирам подеднаков развој на секој метар квадратен територија на Македонија, истакна Христијан Мицкоски.

На новинарско прашање колку расте развојот на општините кога почнаа проектите за нив, Мицкоски со одговор дека има генерална статистика има за државно ниво.

– Ценам дека неслучајни се оние скокови во економијата коишто се во првите пет во Европа од 3,2 проценти, 3%, а сега очекувам за првиот квартал оваа година да дојдеме и до четири проценти. Не би се изненадил ако бидеме меѓу 3,5 и четири проценти со што ќе бидеме меѓу првите најбрзо растечки економии во Европа. Тоа значи дека како Влада во изминативе речиси година дена го сопревме слободното паѓање ја консолидиравме државата и вративме со инвестиции. Само со инвестиции преку вакви реални проекти, пат, асфалт, водоснабдителни системи, канализации можат граѓаните да имаат подобар и поквалитетен живот, истакна Мицкоски.

Тој воедно, во одговор на новинарско прашање како и дали се следи извозот на земјоделски производи поврзано со Полог, информираше дека Владата, во земјоделство вложи исклучително многу, при што се вратија и старите долгови и оцени дека е направен голем чекор напред, со тоа што во првиот квартал од годината речиси за 5% е зголемен извозот на земјоделските производи.

Фото: МИА