Премиерот Христијан Мицкоски вели дека охрабрува растот на индустриското производство кое по подолго време забележа раст минатиот месец и е добар индикатор, бидејќи, како што изјави денеска, бизнис заедницата има доверба во институциите. Очекува придвижување на БДП и со парите од заемот од Унгарија што вчера помина на седница на Владата и наскоро треба да се најде пред пратениците.
Индустриското производство по подолго време пад има пораст во јули, но тоа е веќе третиот квартал. Денеска го очекуваме вториот квартал. Тоа не охрабрува што 3,8 проценти имаме пораст на индустриското производство после неколку месеци пад, изјави Мицкоски, кој по почетокот на изградба на фабрика за литиумски батерии во ТИРЗ Скопје, одговараше на новинарско прашање, за неговите очекување за податоците за БДП во вториот квартал годинава.
Тој посочи дека падот во мај беше и двоцифрен, меѓу 11-12 проценти, а како што вели после неколку месеци пад, конечно во јули имаме пораст. Смета дека ова е добар индикатор, бидејќи бизнис заедницата има доверба во институциите и поволна бизнис клима.
– Како тоа можеме како првичен индикатор да го толкуваме дека конечно се враќа довербата во бизнис заедницата, имаме стабилна Влада, имаме стабилна клима, така што ќе нема големи политички несигурности коишто често пати знаат инвеститорите и странски и домашни да ги одвратат од инвестицијата, рече Мицкоски.
Тој истакна дека очекува овој тренд да продолжи и во третиот и во четвртиот квартал имајќи предвид дека на вчерашната седница на Владата беше донесена одлука за 500 милиони евра заем од Унгарија.
-Тие многу скоро ќе се најдат пред пратениците во Парламентот и очекувам до крајот на месецот да се заокружи тој процес. Овие се со развојна компонента, 250 милиони евра ќе бидат заем за бизнис заедницата под услови коишто ги земаме, а тоа се 3,25 проценти каматна стапка, три години грејс период и 12 години рок на отплата, нешто што во моментов на пазарот за ваков тип на кредити го нема и останатите 250 милиони евра се повторно со развојна компонента, односно за финансирање на капитални инвестиции во општините, изјави Мицкоски.
Очекува и овие средства да бидат своевиден двигател за БДП и да имаат позитивно влијание и во четвртиот квартал, но и во првиот квартал во 2025 година.
– Така што, еве да ги следиме процесите, нормално и климата која што ја создаваме како влада нема фудбалчиња по кабинети, нема рекетирање, нема братучеди и браќа коишто го олеснуваат водењето бизнис во Македонија. Мислам дека сега веќе е се поинаку. Бизнисмените се слободни да инвестираат, нема посредници коишто нудат услуги за брз поврат на ДДВ и не знам какви други услуги по министерствата. Мислам дека сега околината е многу послободна и сето тоа влијае позитивно во насока на подобрување на економскиот потенција, рече Мицкоски.
На денешниот состанок во Владата со Советот за странски инвеститори, Мицкоски вели дека ќе се разговара за нивните потреби и како може да се подобри нивното работење, бидејќи како што посочи, важно е да се зголеми извозот и позитивно да влијае на БДП, кое пак ќе носи и реализација на нови капитални инвестиции за граѓаните.
Фото: МИА