Не гледам проблем во тоа, во личната карта да стои дека сум Македонец, истакна денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и рече дека нема ништо против да се воведе етничка графа во личните карти.
-Не гледам проблем во тоа, на личната карта да стои дека сум Македонец. Апсолутно не гледам причина. За жал, има и такви парламентарни партии кои од страна му служат на Зоран Заев, кои се обидуваат да го спречат тоа. Јас навистина не гледам проблем зошто во мојата лична карта не стои мојата национална, етничка определба дека сум Македонец, рече Мицкоски, додавајќи дека некој тоа сака да го спречи.
Според Мицкоски, оние кои сакаат да го спречат ова, претходно им сметал македонскиот јазик, Македонија и АСНОМ.
-Не им пречи да ја крадат и да ја пљачкаат сопствената земја. Затоа јас навистина не гледам што е тука спорно, ако во графата националност, нели бетон беше идентитетот, стои мојата етничка припадност дека ја сум Македонец. И инсистирам тоа да стои, рече Мицкоски.
Денеска по посетата на компанијата „Еко циркон“, Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за случајот 27-ми април истакна дека за сите политички и диктирани пресуди по падот на Заев ќе има ревизија.
Имаме заробено обвинителство каде што се диктираат обвиненија не само за 27-ми април туку зборуваме и за поширок опфат кои што служат за политички прогон. Имаме судство кое што функционира под диктат, односно како владетелот, а тоа е во случајот Зоран Заев и СДСМ ќе им издиктираат и такви пресуди се носат. Ако сето ова го сумираме и го изанализираме тогаш доаѓаме до заклучокот дека сме хибриден режим и не треба да не чуди што сме најкриминалната и најкорумпираната држава на Балканот според меѓународната реномирана „Транспаренси Интернешнл“. Тоа само по себе не води кон еден општ заклучок кој што би бил во следнава форма, следната Влада на ВМРО-ДПМНЕ сите овие издиктирани обвиненија, сите овие нарачани судски пресуди ќе ги ревидира и врз основа на таа ревизија која што ќе ја прават колеги обвинители, судии, но кои што биле чесни изминатиов период и не потклекнале на диктатите и нарачките на Зоран Заев и оваа власт, рече Мицкоски.
Тој додаде дека сите оние судии кои што прифатиле диктати и судски нарачани пресуди ќе бидат соодветно согласно Законите и Уставот санкционирани. Така што неминовна ќе биде ревизија на сите овие нарачани под политички диктат донесени судски пресуди веднаш после промената на власт. Вклучително и за случајот 27-ми април, но и вклучително и за многу други политички случаи.
Ќе потсетам, и ќе ја потсетам македонската јавност дека ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија чиј што имот поради случај кој што се води, а кој што е отпочнат надвор од законски дефинираниот рок согласно СЈО, кое што сите знаеме како заврши, има блокиран имот. И како таков не може да го располага и нормално да функционира. И како таков е единствен во Европа и можеби единствен во светот, поради еден судски, политички монтиран случај кој што е покренат веднаш после 18 месеци, после рокот кој што согласно Законот за СЈО, кој што во тоа време беше функционален заврши практично, 18 месеци после тој рок. Така што не е само случајот 27-ми април, тој е еден од случаевите со огромен политички прогон, тука се и случаевите кои што во моментов се водат во судските лавиринти и меѓу кои е и случајот за против партијата чиј што имот е би рекол на неправеден, незаконски, неуставен начин замрзнат, истакна Мицкоски.