-Во јавноста се актуелни договорот со Грција и сите штетни последици кој тој ги носи, криминалните тендери, афери и злоупотреби, додека земјоделците се соочуваат со нова криза, а во здравството се бројат случаите со смртен исход, рече Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во неговото видео обраќање денеска. Тој вели дека Македонија се соочува со уште еден голем пораз, ниту еден од универзитетите во државата не е во првите илјада на Шангајската листа за успешност во високото образование.

-Ветуваа иднина, а образованието, образованието ни е руинирано. Каква е таа иднина кога имаме и официјална потврда дека ниту еден од универзитетите во државата не е според својот квалитет во првите илјада во светот. Ќе потсетам дека ветуваа живот, но добиваме порази. Нема градење на иднина без пристојно и квалитетно образование. Македонија е исклучена од оваа листа, изјави Мицкоски.

Мицкоски вели дека додека образованието во Македонија стагнира, во првите 500 се универзитетите од соседството Белград, Атина, Љубљана, Софија, Солун и итн.

-Како универзитетски професор, но пред се родител и граѓанин на оваа земја, можам да кажам дека ова е резултат на негрижата и немањето на стратегија во високото образование, немотивираноста на наставниот кадар, експериментирањето и политизацијата на образованието. За ова нема изговори, неуспехот на владата го плаќаат младите. Нема во Европска Унија со неквалитетно образование кое не е рангирано ниту во првите 1000 универзитети, нема иднина доколку главен приоритет за власта се криминални иновации наместо реформи во образованието, изјави тој.

Мицкоски извести дека изминатиот период бил во контакт со голем број на млади луѓе во Република Македонија.

„Точно знаеме што им недостасува и тоа ќе биде дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ која што ќе биде презентирана во период кој што следи. Нудиме голема авангардна понуда за сите млади во Република Македонија“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека со оваа влада Република Македонија нема иднина, ниту ќе дојде Европската Унија.

-Затоа Македонија заслужува повеќе, заслужува образование со универзитети кои ќе бидат во првите 500 во Светот, Македонија е извор на знаење и компетенции. За да тоа се случи оваа власт мора да падне, и само така Македонија ќе победи, изјави Мицкоски.

 

 

Видео обраќање

Македонија се соочува со уште еден голем пораз, ниту еден од универзитетите во државата не е во првите илјада на Шангајската листа

Gepostet von Hristijan Mickoski am Mittwoch, 15. August 2018