Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оствари средба со пазарџиите на „Зелено пазарче“.

-Разговаравме за начинот како властите овдека во Општина Центар, во градот Скопје се однесуваат со нив. Како се задоволни, т.е. да бидам попрецизен незадоволни од моменталната ситуација во која што самите работат и во која што државата се наоѓа. Она кое што е важно, да кажам, дека наместо розевите очила кои што се обидуваат владата и скапо платениот ПР со нормално државни и крадени пари да го претстават, овие луѓе овдека буквално солзи ронат и едвај од крај со крај врзуваат во први месец. Она кое што можев да го слушнам, навистина е страшно, тажно, но истовремено и разочарувачки и дополнително не мотивира да истраеме и да се бориме, и да направиме подобра држава од оваа која што денеска ја доведе Зоран Заев и ова раководство на СДСМ и оваа Влада, коалиција СДСМ – ДУИ, истакна Мицкоски по средбата.

Тој посочи дека во периодот кој следи вакви посети се императив и за нив како политичка партија, заедно со граѓаните да ја напишат, како што рече, следната изборна програма која што ќе биде дел од локалните избори.

-Но истовремено и да се подготвиме за нови предвремени парламентарни избори на кои што оваа Влада ќе биде минато, и ќе дојде Влада која што ќе работи за интересите на граѓаните, и за интересите на Македонија. Она што можам како човек да се обврзам, како нивен сограѓанин е дека сето свое знаење, сето време кое што ќе ми биде на располагање ќе работам исклучиво за интересите на овие луѓе, бидејќи нема поголемо задоволство за човек да направи друг човек среќен, нагласи Мицкоски.

Тој тврди дека има придвижувања во однос на зголемувањето на бројот на нивните пратеници во Собранието, но од медиумите побара трпение потенцирајќи дека тоа „многу брзо ќе се знае“.

– Има. Бидете трпеливи. Го реков тоа и во моите изјави пред неколку недели. Бидете трпеливи. Многу брзо ќе знаеме дали јас сум бил во право или Зоран Заев. Можеби има политички партии што се дел од коалицијата со СДСМ. Не би сакал сега во моментов да зборувам работи за коишто е потребно, верувајте, голема дискреција за да може целта да биде остварена, а целта е оваа Влада да падне – изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека за нив е битно што поскоро оваа Влада да падне, а потоа „да следи одговорност за се тоа што е сторено овие четири години“.

Запрашан што добро, а што лошо донесоа таканаречните „бомби“ од проектот „Вистината за Македонија“ пред шест години и како гледа од денешна перспектива на тоа, Мицкоски рече дека тие што требало да бидат цел на тие прислушкувани разговори се верни коалициски партнери на власта.

– Еве сега може да отидеме до Триумфалната капија и да видиме која бројка ја пишува таму и тоа ќе ви го даде одговорот за што беа наменети тие бомби. Од бомбите останаа само бомби, но за жал тие коишто требаше да бидат практично цел на тие бомби денеска се нивни верни коалициски партнери – рече Мицкоски.

Коментирајќи ја изјавата на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев за барањето на опозицијата за предвремени избори, Мицскоски со став дека „не знае дали може воопшто да му се верува на Заев“.

– Четврта година по ред ние слушаме само лаги и многу криминал во Македонија. Единствено многу јасно што се гледа од Месечината е Кинескиот ѕид и нови предвремени парламентарни избори, нова влада и одговорност за оваа Влада, која го покраде народот – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски рече и дека по поднесувањето на Иницијативата за поништување на Законот за попис, очекува собирањето потписи да отпочне најдоцна за еден месец и дека сега треба претседателот на Собранието да ја достави до матичните комисии, кои ќе ја оценат нејзината исправност. Тој уште еднаш ги повика граѓаните, како што рече, масовно да излезат и да се потпишат. Доколку Владата, сепак реши да предложи одложување на пописот, Мицкоски вели дека за нив идеално време за попис е пролетта 2022 година, и оти јуни – јули „никој не прави попис“.

– Ќе ги имаме и терминалите кои ќе ги отчитуваат и отпечаток на прсти со кои ќе се гласа на следните избори – рече Мицкоски.

Лидерот на опозицијата обвини дека министерот за финансии Фатмир Бесими две недели не одговара на дописот на претседателот на Државната изборна комисија за дополнителни средства за овие терминали.

– Од што се плаши ДУИ на следните локални избори. Прашајте го Фатмир Бесими зошто не обезбедува средства за ДИК за да може да се обезбедат терминалите за отчитување на отшечаток на прсти, со кои ќе се гласа на следните локални избори – рече Мицкоски.