Премиерот Христијан Мицкоски денеска при посета на реконструираната спортска сала во Кратово даде изјава за медиумите. На новинарско прашање во врска со блокадата на САД за издавање на визи за 75 држави, меѓу кои е и Македонија, тој одговори:

– Министерството за надворешни работи веќе излезе со свој коментар. Станува збор за блокада на имигрантските визи, но тоа не важи и за визи наменети за туристички посети, студентски престој и слично, изјави Мицкоски.

На ова тој се осврна и најави дека во деновите што следат очекува да пристигнат доста пријатни вести во однос со визите, вклучително и со нашиот најголем стратешки партнер, Соединетите Американски Држави.

– Јас жалам што опозицијата после жестоките критики кон Обединетото Кралство, сега истото тоа го прави кон САД. Ќе ве потсетам дека не така одамна, кога беа наметнати трговски тарифи од 33% од страна на САД. Опозицијата поитаа да го нападнат нашиот стратешки партнер, иако таа ставка се нивелираше на 15%. Затоа и би останал трпелив, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски заедно со градоначалникот на Кратово, Тодорче Николовски и заменик претседателот на Владата задолжен за политички систем Љупчо Димовски, присуствуваше на отворањето на целосно реконструираната спортска сала во Кратово.

Според Мицкоски, со неговото присуство, на потпретседателот на Владата, на останатите владини претставници и пратениците во Собранието е исклучително значајна порака за Кратово и кратовчани дека како Влада ќе продолжат да ги поддржуваат проектите коишто се потребни на жителите во оваа општина.

-Неколку проекти се реализираат од средствата што како Влада ги пренасочивме од централниот буџет кон општините и тој процес ќе продолжи и во годините кои што следат. Наш интерес како Влада е интересот на граѓаните. Сето она кое претставува нивна потреба ние тоа да го реализираме. Неке е честито пуштањето во функција на овој прекрасен објект и уште многу спортисти и таленти да изникнат од овој спортски објект, рече премиерот Мицкоски.

Според градоначалникот на Кратово, Тодорче Николовски, овој проект уште еднаш потврдил дека инвестирањето во спортот и создавање услови за спортување е најдобра инвестиција корисна за сите генерации.

– Општина Кратово изминатиот период тоа го правеше доследно и одговорно-изгради неколку изгралишта и спортски терени со современи подлоги со современи стандарди. Така и тука со нов покрив, нови прозорци и врати, нов еластичен под, енетериерно уредување, реконструирани трибини, тоалети и против пожарна заштита и други безбедноси стандарди овој објект доби услови какви што заслужуваат младите, рече Николовски.

Додаде дека со подршката од Владата се работи на уште неколку капитални проекти од областа на социјалната и детската заштита, линиската и патната инфрасруктура.