Овој процес треба да биде динамичен. Секој оној кој нема да ги исполни очекувањата треба да биде чесен и да замине. Без разлика каква е неговата улога во општеството, посочи премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за оставката на Весна Дамева од претседателската функција на Судскиот совет.

-Ценам дека овој Судски совет и судството и обвинителството заедно со оваа доверба што ја имаат од граѓаните, не успеаја. И ова не треба да биде исклучок, треба да биде правило во иднина. Дека секој што нема да ја оправда довербата кај граѓаните треба да замине, рече Мицкоски.

Премиерот очекува справувањето со криминалот и корупцијата да биде во фокус на обвинителите.

-Очекувам малку поголем фокус да имаат во справувањето со криминалот и корупцијата, но тоа пред сè важи за обвинителите кои што сред акција кога треба да потпишат налог за претрес или приведување, ќе повторам, добиваат главоболка, покачена температура, грчеви во стомак, дијареа, рече Мицкоски.

Во врска со одлуката на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски за реорганизација на силите во Обвинителството за поефикасен прогон на случаите со криминал и корупција, премиерот рече дека не би сакал да го коментира државниот обвинител. Рече дека власта има комотно мнозинство во Собранието за смена на Коцевски, но нема да постапува како претходните власти, бидејќи сака да му даде шанса на процесот.

– Тоа не е наша политика. Можеби на некои минати влади, но на оваа влада тоа не е политика. Ние можеме преку истражните органи како финансиска полиција, УЈП, МВР да подготвиме случаи и да му ги дадеме на Обвинителството, а потоа Обвинителството е тоа коешто поднесува пријава, а подоцна, доколку Судот ја прифати да суди. Јас само упатив пораки во јавноста и ќе продолжам да упатувам и кон обвинителите и кон судиите да си ја работат својата работа, да не бидат партнери со криминалците без разлика дали се тоа политички или вистински криминалци од улиците, туку да се борат против криминалот и корупцијата и конечно очекувам да почнат да си ја работат работата и да ја заработуваат платата којашто им ја даваат македонските граѓани, а не е мала – изјави премиерот.