Дваесет и три години од загинувањето на бранителите кај Љуботенски Бачила, вечна слава на јунаците кои со своите животи ја бранеа нашата слобода, објави премиерот Христијан Мицкоски на својот профил на Фејсбук.
– Денес се одбележува 23 годишнината од загинувањето на бранителите кај Љуботенски Бачила. Овие херои со своите животи ја бранеа нашата слобода. Вечна слава на јунаците, пишува Мицкоски во сеќавањето за бранителите на Македонија кои ги положија своите животи во 2001 година.
На повеќе локации во Скопје денеска ќе бидат одбележани 23 години од загинувањето на осуммината припадници на резервниот состав на Армијата, кај месноста Љуботенски Бачила.
Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата предводени од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски ќе положат венци со цвеќе на спомен обележје на паднатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров, а потоа и на спомениците на паднатите бранители во Волково, Љубанци и во касарната „Илинден“.
Делегација на Собранието на Македонија, во состав: Каролина Насковска и Благој Бочварски, ќе положи цвеќе во во селото Љубанци.
Почит на загинатите бранители ќе им биде оддадена и од Општина Ѓорче Петров, пред споменикот во нивна чест поставен кај кружниот тек во Волково.
На 10 август 2001 година воено товарно возило на патот кај месноста Љуботенски Бачила нагази на мина при што животите ги загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, припадници на резервниот состав на Армијата.