Што се однесува до 15 закони, јас не знам дали се 15, но знам дека има закони кои што на брутален начин Владата на СДСМ и ДУИ сака да ги помине и на шверцерски начин низ парламентот комплетно злоупотребувајќи го европското знаменце, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на денешната изјава во Гази Баба.

Тој упати порака до меѓународната заедница посебно до Европската Унија да го спречат шверцерското носење на закони од страна на владата на СДСМ и ДУИ, посочувајќи дека доколку и еден закон помине во собранието ВМРО-ДПМНЕ ќе ја блокира работата на македонското Собрание.

Мицкоски упати и порака до граѓаните нагласувајќи дека за неколку недели сами ќе одлучат дали сакаат да живеат во држава односно како што тој ја нарече ДООЕЛ Заев или пак во слободна и демократска држава во која се развиваат европските вредности.

Ја користам оваа прилика да ја упатам и мојата порака до меѓународната заедница, посебно до Европската Унија ако ова остане неискоментирано и ако ова не се спречи, тогаш ВМРО-ДПМНЕ целосно ќе ја блокира работата на македонскиот парламент, на македонското Собрание. А пораката до македонските граѓани е дека за неколку недели од сега ќе имаат можност да одлучат дали сакаат да живеат во држава ДООЕЛ Заев каде што парламентот комплетно ќе биде приватизиран и на шверцерски начин ќе се носат бизнис закони како што се овие вие рековте 15, или пак ќе имаме слободна демократска држава која ќе се развива и ќе биде рамо до рамо со европските вредности, изјави Мицкоски.

Што се однесува до т.н. „ерменска афера“, тој изјави:

-Кога на почетокот ја обелоденивме оваа афера со лажните пасоши, со пасоши кои се даваат на балкански нарко-босови, тогаш од страна на власта бев обвинет дека сум саботирал акција која била во тек, сега видовме дека мафијата не е само во МВР, туку мафијата своите пипци ги пуштија и во дипломатијата, затоа имаме случај каде по дипломатски канали биле евакуирани лица кои биле барани преку Интерпол и останатите партнерски држави, истакна Мицкоски.

Тој вели дека она коешто ВМРО-ДПМНЕ го зборуваше пред неколку месеци денеска продолжува да ја срами и да ја гуши Македонија, вовлекувајќи ја во ова политичко мочуриште коешто заедно оваа влада на СДСМ и ДУИ го донесоа во Македонија.