Основниот суд Гостивар вечерва му одреди 30 дневен притвор на Зоран Милески Кичеец за сообраќајката во близина на Стража. Според ОЈО, Кичеец ја предизвикал сообраќајката со претекнување на полна линија. Телевизија Телма јави дека Кичеец од попладнево е префрлен во затворот во Шуто Оризари.

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против него за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

На 4 септември, на магистралниот пат Кичево-Гостивар, осомничениот како учесник во сообраќајот на јавните патишта не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај. Движејќи се со патничко моторно возило „Мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, тој на критичното место не ја прилагодил брзината на движење според состојбите и условите на патот и на видно обележана полна надолжна линија започнал престигнување на возилото пред него – автомобил „БМВ“ со тетовски регистарски ознаки. Во истиот момент, во обратна насока кон Кичево се движел автомобил „Санг Јонг“ со гостиварски ознаки, на кое осомничениот му го попречил патот, па директно удрил со предниот десен дел од „Мерцедесот“ во предниот десен дел од автомобилот „Санг Јонг“. Удреното возило со левиот страничен дел, пак, удрило и во автомобилот „БМВ“ кој бил претекнуван. Во несреќата, животот го загубил сопатник во автомобилот „Санг Јонг“, четири лица се здобиле со тешки телесни повреди, а тројца, меѓу кои и осомничениот, се здобиле со телесни повреди, стоеше со соопштението на ОЈО.