Премиерот Мицкоски вели дека полицијата жестоко ќе одговори на сите обиди за нарушување на јавниот ред и мир коментирајќи дека закани од типот на оние кои вчера дојдоа од протестот во битолско нема да се толерираат.

“Разговарав денеска утрoво со министерот за внатрешни работи и она кое што го побарав од него да биде за секој оној кој што го прекршил законот, се заканувал, јавно упатил закана и го загрозил мирот и безбедноста на граѓаните жестоко да се одговори. И ќе биде одговорено жестоко за да не се повтори тоа дивеење од вчера што се повтори“ – изјави премиерот Мицкоски.

Групи граѓани од ромска националност вчера протестираа со палење на гуми и блокада на повеќе патишта во државата заканувајќи се дека ќе се тепаат бидејќи полицијата им ги одзема возилата поради тоа што возат без положен возачки испит.

Граѓаните на социјалните мрежи денеска масовно се солидаризираа со МВР и државата, барајќи да биде еднаква кон сите и да не попушта пред парадоксалните закани на лица кои имаат пари за возила, но не и да положат за возачка.