-Кога беа опозиција, се сеќавате, недалеку оттука на едно место сочувствуваа на еден трагичен настан, на еден прерано згаснат млад човечки живот, коленичеа во домовите на неговите родители, ја злоупотребуваа тагата , маката на луѓето, ветуваа дека само што не дошле на власт веднаш вистината ќе излегла на виделина, истакна вечерва Христијан Мицкоски во скопски Центар на собир со граѓаните.

-Но, знаеле тие каква била вистината. Се случи уште еден трагичен настан исто така коленичеше и таму пред родителите, ги лажеше дека знаел што се случило на Смилковско, дека тоа не било така како што им го кажувале на родителите. Ја злоупотребуваше маката, ја злоупотребуваше човечката судбина, само за да дојде до таа пуста фотелја и таа пуста власт, само за да може себеси да се амнестира од злоделата коишто ги правеше како градоначалник, само за да може да интервенира во законот за јавни набавки да можат тендерите во четири очи да врват. Ги злоупотребуваше човечките судбини, ветуваше дека тој го знаел одговорот, а денеска трета година е премиер. Единствената работа којашто е поврзана со овие случаи е тоа што сторителите на овие грозоморни настани денеска се на слобода и пребегани од Македонија. Таква Македонија ние не признаваме и за тоа мора да има одговорност, а после победата на 12-ти април 2020-тата јас ви ветувам дека ќе има правдина и одговорност, порача Мицкоски.

Тој истакна и дека одговорност без разлика на политичката припадност, без разлика на етничката припадност, одговорност без разлика дали сте политички определен или политички неопределен. Секој оној којшто се огрешил пред законите дали бил ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ, ДУИ или Алијанса или било која друга политичка партија ќе одговара.

-Секој оној којшто се огрешил пред законите и којшто се посрамотил пред граѓаните, ќе одговара. Дали бил блиску до мене или подалеку, дали некогаш бил во ВМРО-ДПМНЕ или не бил, дали некогаш бил во СДСМ или не бил, секој оној којшто се огрешил пред законите и осрамотил пред граѓаните ќе одговара. Мора да почнеме да го ресетираме општеството, мора да почнеме со принципот нула толеранција за корупцијата и решение за неправдата ,безусловна правда и правдина.

Праќаат и курири, праќаат и гавази коишто велат ајде да се пазариме, да видиме како да се договориме. Пораката којашто секаде во Македонија им ја испраќам, ќе ја испратам и од овде, од центарот на мојот град, од градот убав Скопје, од преубавиот Центар. Образот нема цена, образот нема цена којашто вие со вашите рекетирани жолтици можете да ја купите. Има да одговарате од прв до последен, за сето она што му го направивте на македонскиот народ и на граѓаните на Македонија.

Не ги праќајте попусто куририте да се срамуваат и да коленичат. Одговорот е дека мора еднаш за секогаш, на политичките измамници, на криминалците, арамиите во политиката да им ставиме крај. Или си политичар патриот, родољуб кој што работи и е слуга на граѓаните или ќе се занимава со бизнис и ќе бидеш бизнисмен, додаде меѓудругото Мицкоски во Центар.