Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска објави дека телефонски разговарал со словенечкиот премиер Јанез Јанша од кого побарал да испрати тим од доктори и експерти од Словенија во Македонија којшто ќе помогнат во пренесување на своите искуства и знаења за надминување на коронакризата.
Јанша, како што посочува Мицкоски на својот профил на Фејсбук, веднаш се согласи да испрати помош доколку за тоа постои волја кај македонските здравствени власти, тим на врвни доктори кои ќе ни помогнат во справување на состојбите.
Во таа насока, како што пишува, Мицкоски разговорал и со министерот за здравство Венко Филипче и го запознал со идејата и подготвеноста на премиерот Јанша да помогне.
-Тој ја прифати идејата и изрази уверување дека ќе обезбеди комуникација со словенечкото министерство за здравство за реализација на хуманата идеја, наведува Мицкоски.
Со Јанша, како што наведува на Фејсбук статусот, тој разговарал за актуелната здравствена и политичка состојба и ја пренел својата загриженост за сериозноста на состојбата со коронавирусот и со растечкиот тренд на новозаразени и починати што, како што стои, Република Македонија ја става на убедливо на првото место по број на заразени и починати по глава на жител во регионот.
-Во исто време ја истакнав и пожртвуваноста на лекарите и медицинскиот персонал кој е непосредно во првата линија на борба против короната и надчовечките напори кои тие ги даваат, наспроти сериозните недостатоци во креирањето на мерки и начинот на нивното спроведување. Разговаравме за словенечките искуства во справувањето со корона кризата, и фактот што Словенија беше првата европска држава која прогласи победа над вирусот.
Упатува благодарност до Република Словенија и премиерот Јанез Јанша што, како што пишува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, повторно излегува во пресрет и поддршка на нашата земја потеницрајќи дека ќе продолжи во рамките на своите сили и можности да се бори за заштита на здравјето на нашите граѓани и справување на комплицираната здравствена состојба. Апелира до Владата да ги искористи своите контакти за меѓународна помош.
-Апелирам до владата да ги искористи своите контакти и позиции и да доведе меѓународна помош која е добредојдена во овие моменти. Бројките се поразителни и укажуваат на тоа дека ни е потребна итна помош. Колку побрзо го признаеме тоа, толку повеќе ќе спасиме животи, посочува лидерот на опозициската партија Мицкоски.