Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција во Владата изрази уверување дека Македонија ќе биде во групата држави кои ќе имаат најповолни услови за да извезуваат на американскиот пазар.
– Разговарано е со САД за можните царински олеснувања. Верувам дека ќе бидеме во групата земји кои ќе имаат најповолни услови за да извезуваат на американскиот пазар, рече Мицкоски.
САД од денеска најавија испраќање официјални писма до трговските партнери со детали за новите царини и трговски договори. Американскиот претседател Доналд Трамп уште во април најави основна царина од 10 отсто за речиси сите увозни производи, со дополнителни „реципроцитетни“ царини за земји со трговски дефицити со САД. Овие мерки беа паузирани за 90 дена, рок кој истекува на 9 јули.
Мицкоски информира дека одржале важен состанок со Советот за странски инвестиции, тело составено од преставници на водечки странски компании кои веќе инвестираат кај нас и кои со години ги следат економските политики во земјава.
-Во дијалогот разговаравме отворено за предизвиците но и за потенцијалите што ги нудиме. Јасно е дека имаме промени кои мораме заеднички да ги продолжиме. Затекнавме една една тешка слика и реалност која ја менуваме. Денес имаме економија која расте, индустрија која произведува и извоз кој се зголемува и инвеститори кои повторно гледаат шанса да се тука дома во Македонија, изјави премиерот Мицкоски.
Тој потенцира дека реалниот раст на БДП во првиот квартал од 2025 година е 3,2% и дека тоа не е случајност и дека е резултат на стабилни политики и вредна работа.
-Во периодот јануари -мај извозот е зголемен за 3,15%, додека увозот бележи раст од само 1%, потенцира Мицкоски.