Апсолутно е подобро да преговараме, немам дилема. Но, најдобро е да преговараме, а ништо ова кое што претходно го направивме како идентитетска отстапка да не го направевме. Најдобро е така и тогаш ќе беше се нормално и за нас да зависеше само Копенхашките критериуми и иполнувањето на условите кои се содржани во кластерите. Најдобро ќе беше така, вели претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски во вчерашното интервју во Отворено студио „100 дена Влада“ на МРТ.
„Имаме проблем сега да влезат Бугарите во Уставот, но немаме проблем да влезат кога ќе бидеме дел од Европската унија. А сега имаме проблем.“, дециден е Мицкоски.
Претседателот Мицкоски нагласи дека Македонија има премногу отстапки направено кон Бугарија години наназад, укажувајќи дека повеќе не смеат да бидат наивни, односно како што рече тој ни не нудиме нешто кое што е надвор од здравиот разум, туку нуди конструктивен компромис за кој што е подготвен да разговараат.
„Не смееме повеќе да бидеме наивни. Премногу отстапки направивме овие децении наназад како никој што не направил и ако навистина има желба, тогаш има начин како сето ова да се заврши. Ние не нудиме нешто кое што е надвор од здравиот разум, ние нудиме конструктивен компромис за кој сме подготвени да разговараме.“, потенцираше тој.
Мицкоски: Бугарија прави чекори со кои ги негира идентитетските обележја, имам проблем кога на Македонците во Бугарија не им даваат ниту невладина да регистрираат
Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски во интервју во Отворено студио „100 дена Влада“ на МРТ, говорејќи околу тоа зошто уставните измени се проблем да се донесат пред да се добијат јасни гаранции дека нема да има нови пречки од страна на Бугарија на патот кон ЕУ, истакна дека и ние имаме проблем со тоа што Бугарија не им дозволува на Македонците таму ниту невладина да регистрираат, а Европскиот суд за човекови права нема ниту една пресуда за нарушени права на Бугарите во Македонија, наспроти 14 во корист на Македонците во Бугарија.
„Имам проблем сега, затоа што во овој момент го поставувам прашањето зошто сега. Еве кажете ми зошто сега. Правата нечии се нарушени, човекови? Ако се нарушени човековите права, кој е Бојко Борисов или Радев или Христијан или Петко, Трајко небитно, политичар да цени дали нечии права се нарушени? Има институција која се вика Суд за човекови права во Стразбур и тој вели 14 пресуди за Македонската заедница во Бугарија којашто не смее ни невладина да регистрира и нула за бугарската заедница во Македонија.“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека има проблем со тоа што во Бугарија која е земја членка на ЕУ, потписник на Конвенцијата за заштита на човековите права на Македонците не им се дава ниту да регистрираат невладина.
„Имам проблем затоа што моите таму сонародници не можат ни невладина да си организираат, а не па за Уставот. Еве не бил нивниот устав таков, во ред, дајте им на луѓево барем невладина. И замислете сега за да биде целата оваа хипокризија вака уште повеќе да кулминира, кога се предлагаше новата методологија за пристапување кон ЕУ, меѓу институциите коишто беа клучни во носењето одлука беа Венецијанската комисија и Европскиот суд за човекови права.“, истакна Мицкоски и додаде:
„Земја членка на ЕУ, потписник на Конвенцијата за заштита на човековите права не сака тоа да го исполни. Од каде ми е мене гаранцијата дека за шест месеци нема да има ново вето за нешто друго“.
Мицкоски: Кога ќе има нови детали со Бугарија ќе ја информирам опозицијата, нема да ја повторувам нивната грешка да не информираат за ништо
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во Отворено студио „100 дена Влада“ на МРТ, на прашање за повикот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче за информирање на планот за надминување на проблемот со Бугарија истакна дека кога ќе има нови детали опозицијата ќе биде информирана, оваа влада нема да ја повтори грешката на СДСМ кога беа на власт и сами го тераа процесот без да информираат и без да се консултираат со опозицијата.
„Не ја повторуваме истата грешка и нема да ја повториме. Кога ќе има нешто за кое би требало да биде информирана опозицијата, тогаш верувајте веднаш ќе ги информираме. Односно да има напредок за да може да го споделиме со опозицијата. Во моментов се е на позиционирање и поставување на играта и нема поместување.“, рече Мицкоски.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека ова што го зборува јавно би им го кажал и на нив, а разликата од тоа кога СДСМ беа на власт е суштински различна.
„Пред да се прифати т.н. Француски предлог ние имавме два месеци прес конференција во која повикавме на вклучување на опозицијата, затоа што имавме информации дека се случува тоа и тоа. Повикавме немојте, ќе направите грешка, тие рекоа дека не ги интересира, сами ќе си го тераме процесот. И видовме до каде го дотераа. Првиот момент кога ќе има поместување ќе ги информираме, лично ќе го повикам и него ќе повикам и лидерска средна со сите други и ќе ги запознам со напредокот или можното решение.“, изјави Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека додека е премиер никогаш нема да влезе во процес клучен за државата и иднината на граѓаните во кој опозицијата и другите политички партии нема да бидат запознаени.
Мицкоски: Преговорите со ЕУ нема да ни ги решат сите проблеми, треба сами да ја завршиме домашната задача
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во Отворено студио „100 дена Влада“ на МРТ говорејќи на тема за преговорите со Европската Унија и проблемот со Бугарија истакна дека преговорите нема да ни ги решат домашните проблеми, туку прво треба да си ја завршиме домашната задача, а Владата е фокусирана токму на тоа, решавање на домашните проблеми и решение за ЕУ кое ќе биде предвидливо.
„Треба да бидеме дел од европското семејство и тука нема дилема. Дали имаме поддршка, не од една, ние имаме поддршка од 26 земји членки и за сите тие не е важно какво ќе биде решението, туку да има решение. Освен една тоа е нашиот источен сосед кој е сега во предизборен период. Да почекаме кој ќе биде исходот од тоа. За сите останати 26 земји членки е важно да има решение, и во нив има помалку гласни и повеќе гласни поддржувачи.“, рече премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека на таа тема многу гласен беше во Загреб хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како и на неговата билатерална посета во земјава унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Поентата е ние мораме заеднички да работиме ако сакаме да дојдеме до решение кое што ќе биде предвидливо. Ние сега немаме предвидливо решение. Многумина велат таа преговарачката рамка и е јасна. Да, но нејасен е патот и целта. Тоа е проблемот. Не би се сложил со констатацијата дека мнозинството граѓани мислат дека овој процес на преговори нас ќе ни ги реши сите проблеми како животната средина, повисок стандард, повисоки плати и така натаму.“, посочи премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека ние денеска ги имаме европските фондови на располагање, но проблемот е друг, дали ние сакаме да си ја завршиме домашната задача.
„Ако сакаме, ќе ја завршиме и со ова сега што го имаме на располагање. Преговарањето не значи членство, туку подразбира процес во кој ние ќе го зголемуваме капацитетот на институциите и ќе добиеме поинакви вештини во рамки на администрацијата. Од нас самите зависи дали сакаме да си ја завршиме домашната задача. Ние како Влада сакаме и сме фокусирани на тоа.“, изјави Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека сето она кое се случуваше изминативе децении создаде еден вид фрустрација кај граѓаните и таа фрустрација денеска е огромна, затоа што оваа преговарачка рамка нема јасна цел и светло на крајот на тунелот.
„Сите почнале и го завршиле процесот, ние немаме таков јасен показател и параметар. Кога ќе има и тоа би го зграпчиле. Нашиот став околу одложеното дејство не е ништо повеќе од формула која функционирала како што е Преспанскиот договор кој велеше дека амандманите ќе станат ефективни кога грчкиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за државава во НАТО. Велат дека Преспанскиот договор бил ремек дело на дипломатијата, ајде тогаш тоа да го реплицираме тоа, уставните амандмани да важат кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор за ЕУ. Ако е тоа добро, само да го копираме и примениме.“, истакна Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека после се што сме направиле, што никој не го направил, ниту еден народ, ниту една држава која е членка, сме заслужиле да го добиеме ова прашање за одложеното дејство.
Сектор за односи со јавноста
Генерален секретаријат