Денеска е посебен ден овде во Свети Николе и навистина денот сакавме покрај тоа што го предвидовме како дружење со граѓаните да поминеме и неколку проекти коишто и локалната, но и Владата заеднички ги финансираат за светиниколчани и сметаме дека вториот повик како што и самиот градоначалник кажа дека нешто повеќе од 2 милиони евра ќе бидат на располагање, истакна премиерот Христијан Мицкоски.

Голем дел од потребите коишто во минатото не биле решени за светиниколчани сега ќе бидат решени.

-Затоа јас немам што да додадам на тоа што го кажа градоначалникот од аспект на буџет на реализација на проект, од аспект кој проекти станува збор, само можам да кажам дека Македонија се гради. После 7 години пустош и понижување и засрамување и организирана плачка конечно имаме состојба во којашто во Македонија се гради и тука сме да го одбележиме сето тоа, рече Мицкоски.

Првите индикатори во првиот квартал од годинава укажуваат на консолидираност и не би се изненадил доколку растот биде помеѓу 4 и 4,5 отсто, изјави Мицкоски.

-Индикаторите кои се јавуваат во првата половина година од мандатот на Владата укажуваат дека сме дојдени до состојба „0“, имаме 1,25 милијарди евра странски инвестиции за претходната година од кои рекордни 400 милиони за четвртиот квартал со што повторно сме најдобра земја во регионот по глава на жител и во првите три во Европа, а растот на БДП за 2024 година е 2,8 иако некои ни предвидуваа дена нема да биде ниту 1 отсто, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Свети Николе.

Нашата стратегија по доаѓањето на власт, додаде, беше поделена во три чекори од кои првиот беше да се спречи слободното паѓање, бидејќи системот и институциите беа во распад, владината сметка беше минус 200 милиони евра, во што успеавме.

-Втората фаза е од таа точка да стигнеме полека до состојба „0“ и практично сме на крајот од овој втор чекор. Индикаторите што ги истакна Државниот завод за статистика токму тоа го велат дека конечно дојдовме до состојба „0“ иако некои предвидуваа дека консолидирањето ќе трае можеби една или 1,5 години, рече Мицкоски.