Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Битола изјави дека не очекува дискусијата за уставните измени во собраниската Комисија за уставни прашања да трае десетина дена, туку очекува и има „чувство“ дека денеска ќе заврши.
– Четириесет и четири пратеници на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата се јасни и прецизни во својот став. Вчера имавме координација, без ниту еден збор никој да каже, јасно беше дека зборуваме сите на глас, а тоа е дека уставни измени под бугарски дикатат нема да има, порача од Битола Мицкоски, кој заедно со градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски извршија увид во градежните активности на паркингот на Спортската сала „Боро Чурлевски“.
Прашан дали постои можност за „манипулација“ на пленарната седница, не во однос на пратениците, туку во однос на техниката, претседателот на ВМРО – ДПМНЕ одговори дека и за тоа имаат стратегија, иако очекуваат, како што рече, веднаш ако имаат 80 пратеници, да ја ставаат точката на дневен ред.
– Ги повикувам веднаш, да заврши Уставната комисија, уште утре да закажат собраниска седница и да видиме дали имаат 80 пратеници или не. Ако не закажат тогаш е јасно дека немаат, ако немаат јас не гледам друга политика која оваа Влада би ја оправдала во нејзиното постоење и треба час поскоро да го распуштиме Парламентот и да одиме на парламентарни избори, изјави Мицкоски
Според Мицкоски, во Уставната комисија има се 17 пратеници, а за да се најде точката на дневен ред на пленарна седница потребно е да има мнозинство во оваа комисија. -Ние ќе се се држиме до нашата македонска агенда и ќе ги штитиме македонските национални интереси, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Инаку, собраниската Комисија за уставни прашања во Собранието денеска ја почна седницата број 1 со единствена точка на дневниот ред – Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Македонија. Од 17 присутни членови на Комисијата, „за“ предложениот дневен ред гласаа 10 пратеници, седуммина беа „против“, а воздржани немаше.
Предлагач на уставните измени е Владата, а предлогот го образложува премиерот Димитар Ковачевски.
Тој истакна дека предлогот е целосно и во насока на нашата консензуална цел – членство во ЕУ, поставена уште во 1991 година која денеска е мнозинска волја на граѓаните и шанса на идните млади поколенија и гарантира европска иднина. Уставните измени не го загрозуваат ниту едно идентитетско прашање, затоа граѓаните нема за што да бидат загрижени, порача Ковачевски.
На адхок координацијата пред почетокот на Комисијата, како што соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери, договорено е после експозето на премиерот да зборуваат претставникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, на АА Елми Азири, на Левица Димитар Апасиев, на СДСМ Мартин Костовски, на Беса Фадил Зендели, на Алтернатива Африм Гаши и на крај на ДУИ Арта Биљали Зендели.
Владата минатиот вторник до Собранието го достави предлогот за уставни измени. Интервенциите во Уставот, како што посочија од Владата, се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.
Претседател на Комисијата за уставни прашања по функција е претседателот на Собранието Талат Џафери, негов заменик е Арта Биљали-Зендели, членови на Комисијата се Даниела Стојановска Пановска, Ненад Коциќ, Мартин Костовски, Емилија Рамбабова, Илија Николовски, Даниела Маркоска, Марија Ангелова, Антонијо Милошоски, Јован Јаулески, Лидија Петкоска, Гордана Сиљановска Давкова, Дафина Стојаноска, Иван Стоилковиќ, Фиснике Бектеши Шаќири, Ремзи Мехмеди, Ане Лашкоска, а шеснаесет други пратеници се заменици – членови на Комисијата.
На седницата присуствуваат и министерот за правда Кренар Лога, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и претставници на дипломатскиот кор и на мисии во Скопје. цр/ац/
Фото:принт скрин
Видео: МИА