Очекувам сите парламентарни политички партии да ја поддржат резолуцијата без разлика дали се ДУИ, Алијанса, Алтернатива, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица или коалициските партнери. Оваа резолуција ги содржи македонските црвени линии и затоа е потребно да застанеме во интересите на Македонија, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија.
Мицкоски истакна дека резолуцијата не е на ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа е заеднички документ кој го дадоа МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА Јустинијана прима и партијата намерно не интервенираше во содржината за да има автентичност тој документ и да биде семакедонска резолуција.
„Под семакедонска не мислам само на македонскиот народ, туку мислам на македонската нација, сите кои се жители во Македонија нека ја поддржат. Оваа резолуција е ваква затоа што станува збор за македонскиот идентитет“, нагласи Мицкоски.
Во однос на негодувањата зошто не биле други етнички заедници застапени, Мицкоски вели дека оваа резолуција е ваква затоа што никој не го спори идентитетот на албанскиот народ, на турскиот, српскиот, туку само на македонскиот.
„Од страна на Бугарија се задира во македонскиот идентитет, на македонскиот народ, посебност, култура, традиција, јазик“, потенцираше Мицкоски.
„Не може да е завршен Преспанскиот договор, а ние да сме најкорумпираната и најкриминалната држава во Европа и тоа на 111-то место сме. Не може да е завршен Преспанскиот договор бидејќи не сме земја членка на ЕУ. Не може додека постои ВМРО-ДПМНЕ да е завршен Преспанскиот договор“, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во Алфа телевизија.
Мицкоски додаде дека Преспанскиот договор нема да биде завршена работа, не може да му се дозволи тој што го поддржува договорот да му дадете право да краде.
„Не може вие да имате двојни стандарди, ако е некој пропреспа тогаш да му дадете дозвола за убивање, да прави што сака, даа краде, да пљачка, да нема реформи, да лаже. Не може. Тоа не го прифаќам“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека тоа е не е дел од неговите вредности. Во Македонија не треба да имаме криминалци во политиката, корумпирани политичари. Во Македонија мора да владее законот и да има реформи.
„Луѓето од СДСМ веќе не очекуваат ништо за тоа што видоа што се способни да прават. Граѓаните не очекуваат од СДСМ ништо, прочитав еден наслов скоро беше вика повторно имаме инфлација на ветувања, а за старите лаги воопшто никој не ни споменува. Никој веќе ништо не очекува од нив, јас мислам дека дури ни тие самите не очекуваат. Тие сега се обидуваат како сега со оној полусвет од подземјето да уплашат повеќе луѓе, да заплашат, да притиснат, да поткупат, и на тој начин преку стандардната партиска структура да извлечат некоја илјадарка гласови“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека тој не очекува дека на овие избори СДСМ ќе прикаже револуционерни проекти за локалните избори.
„Може да погледате колку програмите на градоначалниците се реализирани и ќе ви стане јасно дека 90-тина проценти не се воопшто реализирани. Ниту пак градончалниците на СДСМ имаат абер да ги реализираат. За тоа луѓето не очекуваат нешто посебно од СДСМ“, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека овие локални избори не само избори, туку се избори за тоа дали Македонија ќе ја биде, ќе потоне во криминал или народот ќе си ја врати земјата.
„А, што ќе направи ВМРО? Ние почнуваме еве ексклузивно од следната недела можам да го кажам во оваа емисија со настани со граѓани, во кои што ќе почнеме би рекол тематски да ги соопштуваме генералните правци и понуда да ја реафирмираме со која што ќе излеземе на следните локални избори, но и чекот потоа кога ќе имаме кампања за централната власт. Тоа е она кое што ние лично имаме намера да го понудиме пред граѓаните. Очекуваме критики, совети, бидејќи критиката може да биде и позитивна, да видиме дали тоа е доволно од тоа што го очекуваат граѓаните од нас“, изјави Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека за да успееме во сите области, најпрвин треба да се справиме со криминалот и корупцијата и повторно да ја поставиме на нозе економијата, да имаме здрава економија.
„Во спротивно ние не можеме да јакнеме патриотски дух, ниту да имаме среќни земјоделци, ниту млади во државата. Без силна економија, немаме силна држава. Потоа доаѓа се разбира образование и останатите столбови“, рече Мицкоски.
Во врска со понудата на СДСМ, Мицкоски вели дека од власта повеќе никој ништо не очекува, дури ни самите не очекуваат и сега само со поткуп и заплашување ќе се обидат да извлечат глас повеќе.
„Тие сега се обидуваат со тој полусвет од подземјето како да заплашат повеќе луѓе, како да поткупат, и преку стандардната партиска структура да извлечат некоја илјадарка гласови. Не очекуваме дека ќе излезат со револуционерни проекти, и дека планираат да реализираа. Погледнете ги програмите на градоначалниците на СДСМ и видете дека ништо не реализирале“, изјави Мицкоски.