Аферата за која денеска брифираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, опфаќа изнуда-рекет на средства од компанијата Рубитон Битола која е добитник на тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола.

Случајот излегува по пат на јавно признание и сведочење на сопствениците на компанијата. Рубитон по регуларен пат добива тендер, по што Васко Ковачевски, директор на РЕК, го контактира сопственикот на компанијата – добитник на тендерот, го принудува да се откаже од тендерот и истиот кој веќе го има добиено Рубитон, да го предаде на компанијата СВ Инвест на Столе Чифлигароски.

Сопственикот на Рубитон рекол дека нема правна можност за тоа, по што Ковачевски организирал средба со Вице Заев во Струмица, во хотел Парк, но средбата се откажува, а Вице Заев ги контактира сопствениците на компанијата и им вели дека ќе го испрати Горан Крстев од Тотал Инжинеринг, инаку амнестиран со Зоран Заев за „Глобал“, за да ја договорат работата. Пораката била дека Рубитон треба да ја сработи работата, а 250.000 евра да му припаднат на Вице Заев во кеш, а таа сума била многу поголема од можната заработка.

Сопствениците на Рубитон не се одзиваат на повиците на Крстев, по што Вице Заев им се заканува дека ќе ја загубат работата. По низа перипетии, компанијата ја губи работата од РЕК и трпи штета од 30 милиони денари, за што своевремено ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше јавно на прес-конференции за насилно внесување на фирмата СВ Инвест во комбинатот.

-Воедно и предупредувавме на фамозната Вила парк, каде што Вице Заев го собираше рекетот. Случајот оштетените го пријавуваат во полиција, по што се изготвува пријава до ОЈО потпишана од Лазе Велковски. Мистериозно, на веќе еднаш потпишана изјава, исчезнува делот каде се споменува Вице Заев. Што е дополнителен скандал и говори за спрега меѓу ОЈО и Рускоска, МВР и Лазе Велковски и кадрите на Оливер Спасовски. Случајот е ставен во фиока, брифираше денес Мицкоски.

Во пријавата недостасува овој дел:

Потоа, сопственикот Василев, гледајќи дека Рубитон не добива одобрение за влез на механизација и покрај договорната обврска да му биде овозможено од страна на РЕК Битола, преку стар познаник од Струмица Иљо Н. викан  Рамбо, не сакајќи директно да го бара по телефон лицето Вице Н. кое му го посочил Ковачевски, побарал доколку е можно да му организира средба со посоченото лице, која му била закажана на 3-ти или 4-ти септември 2018-та година.

Според информациите, тие отишле во „Вила Парк“ Струмица. Сопствениците Василев и Радичев дошле на договорената средба, ги пречекал пријателот на Василев и бидејќи веќе изминувало девет часот, Иљо му се јавил на Вице да му каже дека се дојдени луѓето на кои им договорил средба. На тоа, Вице одоговорил дека средбата била закажана за 9 часот навечер, а не наутро, по што тие си заминале.

Остатокот од делот кој е избришан од првичната пријава, кој завршува и со директни закани, можете да го погледнете од документот:

Мицкоски на новинарите им ги достави и двата записника од изјавите на оштетениот, едниот со името на Вице, другиот без името на Вице.