Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на промоција на дел од предвидената опрема за управување со отпад (возила и контејнери/канти) за општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион. Оваа опрема е сегмент од придонесот на Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање и меѓународните партнери во унапредувањето на системот за управување со отпад.
Мицкоски истакна дека како Влада испраќаат силна и недвосмислена порака дека чекориме напред – од систем кој со децении беше запоставуван, кон современо, одржливо и европско управување со отпадот.

Со промоцијата и испораката на новата опрема за справување со цврстиот отпад, вели премиерот, правиме конкретен чекор кон почиста животна средина, повисок квалитет на живот и посилна заштита на здравјето на граѓаните.
-Оваа опрема не е само техничко средство. Таа е симбол на системска промена. Со нејзината распределба овозможуваме значително зголемување на покриеноста со услугата за собирање на отпад, како во урбаните, така и во руралните средини. Тоа значи дека секое населено место, секој граѓанин, добива еднаков третман и еднаква грижа од државата. Со оваа инвестиција директно удираме по дивите депонии – по долгогодишниот проблем на неформално и неконтролирано исфрлање на отпад. Наместо хаос, воведуваме ред. Наместо импровизација, градиме систем. Особено важно е што воспоставуваме услови за селекција на отпадот уште на изворот. Ова е културна промена, а не само техничка мерка. Денес е изложен дел од предвидената опрема – возила и контејнери – наменети за општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион. Ова е видлив и практичен доказ за вложувањата што ги правиме: десет камиони со капацитет од 8 кубни метри, четири камиони од 12 кубни метри, еден кипер-камион, еден камион од марката „Рено“, како и друга придружна опрема која ќе ја зајакне ефикасноста на комуналните услуги, нагласи претседателот на владата.

Тој додаде дека ова не е изолиран проект, туку дел од Регионалниот проект за управување со цврст отпад – прв национален потфат за воспоставување интегриран и одржлив систем за управување со отпад на регионално ниво, усогласен со европските директиви за отпад и депонии.
Проектот опфаќа изградба на три регионални санитарни депонии, санација и затворање на три постојни нестандардни депонии, изградба на претоварни станици, како и набавка на опрема и механизација за собирање и транспорт на отпадот, за вкупно пет плански региони во државата.

-Особено значајно е што со оваа опрема го подготвуваме системот за целосно функционирање на идната регионална депонија и центар за управување со отпад во Новаци, како и претоварните станици во Кичево, Охрид, Прилеп и Дебар. Тоа е регионален пристап што носи ефикасност, економска оправданост и долгорочна одржливост. Финансиската конструкција на овој проект е пример за успешна соработка помеѓу државата и меѓународните партнери. Обезбедени се средства преку заем, грантови и поддршка кои заедно создаваат силна основа за реализација на еден од најкомплексните еколошки проекти во државата, посочи премиерот.

Со возилата, контејнерите и кантите зa ѓубре кои Владата преку МЖСПП ги доделува на јавните комунални претпријатија во овие општини ќе се олесни, ќе се подобри работата на ЈК претпријатија во овие општини.






