Моите ставови за обвинителството и судството се многу пати кажани и разговарани, па секогаш кога ќе зборуваат зошто доцниме во процесот на испорака на законите кои значат реформи во судството и обвинителството, сакам јавноста да знае дека станува збор за шест закони каде основната суштина е зголемување на буџетот кој директно ќе имплицира зголемување на платите на судиите и обвинителите, кои имаат рејтинг од 2%. Се бара зголемување на 0,8% од БДП за судиите, а за обвинителите 0,5% од БДП. Секогаш чувствувам некаква мачнина бидејќи тие и овие плати сега што ги земаат, не ги заслужуваат имајќи ги предвид ваквите судски одлуки.

Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во Штип, да ја коментира пресудата за докторката од Онкологија.

-Сакам граѓаните да знаат дека сите оние таканаречени експерти кога излегуваат во јавноста и кога ја критикуваат Владата за застој во реформите во обвинителството и судството,  ова е суштинската реформа. Како да се зголеми буџетот на судовите, што е два до три пати повеќе од некои земји членки на ЕУ. Не е проблем, ние ќе ги зголемиме и три пати ама да ги заслужат. Јас имам дилема дали и овие плати тие ги заслужуваат, рече Мицкоски.