ВМРО-ДПМНЕ го поддржува членството на Македонија во НАТО, и интеграциите во Европската унија и во Алијансата се од стратешки интерес за земјава, е истакнато на денешната средба меѓу генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Мицкоски на средбата посочил дека договорот со Грција е неприфатлив за партијата и е надвор од нејзините познати принципи и начела и оти ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот за негово неприфаќање, соопшти прес-службата на партијата.
– Што се однесува до самиот став во однос на референдумското изјаснување ВМРО-ДПМНЕ привршува со процесот на широки консултации и во текот на идната недела ќе заседава Извршниот и Централниот комитет на партијата, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ, се додава во соопштението, смета дека власта треба да се посвети на подобрување на реалните области за живот што се од суштествено значење за граѓанинот, а таму се досега се забележува огромна стагнација пропратена со огромен број на афери и сомнежи за злоупотреба.
На средбата станало збор за актуелните случувања во земјава, за договорот со Грција и претстојниот референдум.