Ова е огромен скандал, вели за Дојче Веле лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за исвиркувањето на македонскиот јазик на плоштадот Скендербег во Скопје.

Скандалот се случи во саботата кога беше исвиркана водителката на манифестацијата посветена на 21-годишнина од потпишувањето на Рамковниот договор, која во најавите освен на албански се обрати и на македонски јазик.

– Се работи за настан платен со владини, односно државни пари. На тој настан се исвиркува македонскиот јазик, истиот тој кој Владата евтино го распродава и во преговорите со Бугарија. За вакво ли развеселување мислеше министерката за култура, кога го правдаше трошењето народни пари за вакви партиски прослави. Срамот е голем што од Владата отсуствува секаква реакција. Со национализам политика не се тера. Ова само ја покажува поделеноста на општеството и постоењето на два паралелни света. Таквите бариери се градени од политичките елити на власта за полесно да може да ги остваруваат личните интереси поврзани со бизнис мотиви, додека граѓаните Македонци и Албанци тонат во вештачката омраза која е подгревана од политичарите на кои тоа им одговара, вели Мицкоски.