Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со граѓани во Брвеница, заедно со кандидатот за градоначалник и актуелен градоначалник на Брвеница, Јовица Илиевски, изрази жалење за сето она што го слушнал од неговиот противкандидат, оценувајќи го како „голема грешка, пред се, за кандидатите за градоначалници од истата онаа коалиција од којашто тој настапува“.

-Замислете што ќе се случува сега во Тетово, во Сртруга, во Дебар и во одредени други општини. Така што, толку себичен потег од политичар во поновата историја Македонија не видела. Да влегува да мисли само за себе и својот кусоглед интерес, а притоа да ги занемари сите останати, кои што, исто така, се борат во вториот круг за градоначалнички мандат, изјави Мицкоски.

Во изминатите денови, Мицкоски, рече дека зборувал многу сериозно и со голем број влијателни претставници на меѓународната заедница, бидејќи, тоа стигнало и до нив.

-И тие гледаат со големо жалење и просто со неверување, тоа што го слушаат дека некој во 21 век, може да користи таков речник, нагласи Мицкоски.

Прашан дали изјвата на Хаќим Рамадани влијае врз владината коалиција со ВРЕДИ или не, Мицкоски, рече дека тоа „влијае врз неговата положба во иднина“.

-Откако ќе ги изгуби најпрво изборите тука во Брвеница, ќе биде нормално разрешен од позицијата, која што ја извршува во овој момент, изјави Мицкоски.

Мицкоски, пред граѓаните на Брвеница, порача дека неговата лична поддршка и поддршката на Владата ја имаат сите оние коишто работат на иднината на оваа наша заедничка Македонија, без разлика на етничката припадност, на верската припадност, политичката припадност или неприпадност.

-Секој оној, којшто зборува за иднината на Македонија е добредојден мој соговорник. Секој оној, којшто зборува за поделби, посебно етнички поделби, не само што не е добредојден мој соговорник, туку тој не му мисли добро, ниту на Македонецот, ниту на Албанецот, ниту на сите други останати делови од народи кои што се наши сограѓани во нашата преубава заедничка татковина Македонија. Убеден сум дека тоа ќе биде препознаено и масовно ќе биде отфрлено од жителите на општина Брвеница, бидејќи тие знаат да препознаат квалитет, да препознаат кој изминатите четири години се грижеше без да прави било каква поделба во општина Брвеница, ниту по етничка, ниту по верска, ниту по политичка припадност, изјави Мицкоски.

Како Влада, Мицкоски посочи, дека тоа го покажале и докажале со инвестиции и договори од половина милијарда евра, во сите општини, без разлика дали се леви или десни, дали се градоначалниците провладини или од опозицијата.

-Секаде подеднакво, под ист критериум инвестиравме. Така се гради соживот, така се гради заедничка држава и така се оди напред. Со поделби само можеме да назадуваме и да одиме назад, порача Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања за поддршката со Коалицијата ВРЕДИ во вториот круг, Мицкоски, посочи дека таа коалиција испратила соопштение дека не го поддржува Фатмир Дехари во Кичево.

-Го слушав Фатмир Лимани, кој што апсолутно не повика да се гласа против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево. Второ, Коалицијата ВРЕДИ испрати соопштение дека не го поддржува Фатмир Дехари, како кандидат за градоначалник во Кичево. Но, еве и јас ги повикувам Албанците коишто се во Кичево, но и Кичевчани коишто ќе ја слушаат оваа изјава, да размислат после сето она што го слушнавме, за човекот што ги уценува нивните внунки и нивните ќерки, дали треба да го дадат гласот за него, и дали е тој достоинствен кандидат за иден градоначалник на Кичево. И жалам, што здруженијата на мајки и женските здруженија, кај Албанките, не излегоа со осуда и со згрозување да го коментираат тоа што го слушаа за овој кандидат и кој што се обидува повторно да биде градоначалник на Кичево, изјави Мицкоски.

Фото: принтскрин