Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упати честитка до Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан и до македонските верници по повод големиот христијански празници, Божик.
– Дозволете ми од мое и од име на ВМРО-ДПМНЕ, да ви го честитам еден од најсветлите христијански празници, раѓањето Христово, Божик. На овој голем ден, би сакал да ви посакам мир и благосостојба во вашите семејства кои ќе ве следат во текот на целата година, ви посакувам многу среќа, здравје, спокој и љубов за вас и вашите ближни, вели во честитката Мицкоски.
Македонија со отворени раце го прифати христијанството кое е камен темелник на западната цивилизација, додава Мицксоки.
– Учењето Христово нека е ѕвезда водилка за секој еден од нас, неговите дела, пожртвуваноста, мудроста, љубовта нека служат за пример. Традиционалните вредности се оние кои не обединуваат како народ, како општество и се вредностите кои ни го поплочуваат патот за просперитетна и успешна Република Македонија. Христијанството не учи на надеж, надеж за подобро утре кое со посветеност и работа можеме заеднички да го изградиме за нас и иднините поколенија. Македонија е пред големи предизвици, но верувам во мојот народ дека ќе донесе одлуки кои ќе значат сигурност, правда и обнова. Да ставиме крај на поразите, доаѓа времето на чесни и принципиелни луѓе кои ќе работат во интерес на народот. Ќе ставиме крај на тонењето и неправдите. Македонија има луѓе за нови победи и успеси, а нивната шанса доаѓа допрва. Нека ни е вековит и честит овој голем христијански празник Рожденство Христово, Божик. Христос се роди, Навистина се роди!, додава лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.