Од утре продолжуваат консултациите за референдумот со коалициските партнери, да видиме кој е нивниот став. Многу скоро ќе излеземе со конкретна позиција, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Внатрепартиската дебата ќе продолжи утре, во вторник, среда, така што многу скоро од денеска ќе имаме позиција. Нема што повеќе да додадам освен да го завршиме процесот и да излеземе со конечен став пред граѓаните – дали ќе одиме со 150.000 потписи или со пратениците, имајќи предвид дека континуирано се сее притисок од власта дека некој се двоумел, а не сакаме да ги изложуваме толку граѓаните пред оваа хибридна и режимска власт па може ќе се одлучиме да одиме со 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да го поднесеат рефернедумот, изјави Мицкоски во Љубанци по пуштањето во употреба на ново спортско игралиште.
Периодот што следи ќе биде предизвикувачки тежок, а не гледам иницијатива од Владата да ја подобри состојбата. Веднаш штом Собранието ќе продолжи со работа, ние ќе предложиме закони преку кои ќе се обидеме да ја ублажиме кризната состојба која ќе следува оваа есен и зима, рече Мицкоски, одговорајќи на прашањето во врска со претстојната енергетска криза.
Според Мицкоски, енергетската криза со себе ќе повлече и економска криза, затоа што, како што рече, голем дел од производните капацитети веќе се затвораат.
-И во Македонија дел од тие капацитети веќе се затворија. Веќе добиваме информации од помалите стопански субјекти дека сметките за август, кои практично се однесуваат на јули со овој нов регулационен период, се зголемени некаде и четирикратно. Тоа значи дека голем дел од нив ќе бидат приморани или да отпуштаат вработени или да го затвораат својот бизнис, а дел од нив и ќе банкротираат. Сето тоа ќе има последици во економијата, рече Мицкоски во Љубанци, каде беше пуштено во употреба ново игралиште.
Тој напомена дека од парламентарното мнозинство, од СДСМ и ДУИ зависи дали ќе ги прифатат или не нивните предлози.
-Предупредував за енергетската криза уште во март, и предупредував што треба да направи оваа Влада но поради самобендисаноста и нивната неспособност ништо не направија. Ќе почне учебната година, за некој месец од денеска започнува и грејната сезона, имајќи в предвид во Средна и во Источна Европа грејната сезона почнува од 15 септември, допрва доаѓаат тешките времиња. Но, како што можам да забележам од страна на владините министри воопшто нема грижа за ова, ниту некој води сметка како понатаму, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на прашањето околу зголемувањето на даноците, Мицкоски одговори дека сите даноци кои оваа Влада ќе ги зголеми, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги врати, ќе ги намали, и како што рече, ќе водат политика на рамен данок не на 10, туку на 8 проценти.