Намалување на акцизите за 4 денари за дизелот и за безоловните бензини од 95 и 98 октани за 2 денара по литар, одлучи Владата денеска на вонредна седница.

Одлуката на прес-конференција ја соопшти премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека со тоа драматично ќе се намали цената на горивата и се штити стандардот на граѓаните.

На вонредната седница Владата одлучи ДДВ-то  за горивата да продолжи да биде намалено од 18 на 10 отсто до крајот на кризната состојба, која ќе истече на 20 април.

Мицкоски истакна дека без намалување на ацизата, литар дизел ќе беше околу 102 или над 102 денари, а безоловниот бензин од 95 и 98 октани ќе беше поскап за 1,5 до 2 денари.

Соопшти дека денеска имале преговори исо ОКТА и е договорено попустот да го продлжат до крајот на април – од 3 денари за дизелот по литар, а за безоловните бензини од 95 и 98 октани дополнителни 2 денари помалку за литар.

-Кога сето ова ќе се анализира, доаѓаме до цена која за дизелот ќе биде иста како и до сега, доколку се вкалкулира попустот од 4 денари за акцизата и 3 денари што го добиваме од ОКТА, така што ги амортизираме потенцијално 7 денари зголемување по литар, додека кај безоловните бензини од 95 и 98 октани, покрај 2 денари акциза по литар, ќе имаме 2 денари по литар намалување, односно ќе бидеме 2 денари во минус од цената што беше во изминатиот регулиран период, односно изминатата недела, изјави Мицкоски на прес-конференцијата.

Нагласи дека одлуката е донесена поради низвесноста како последица од тензии на Блискиот Исток и притисокот врз економијата. Како што рече, не може да бидеме изолирани од влијанието на глобалните процеси, но делуваме и не чекаме кризата да нè прегази.

Интегрален текст од прес-конференцијата на претседателот на владата, Христијан Мицкоски.

Светот повторно се соочува со сериозна криза. Настаните и воените тензии на Блискиот Исток предизвикаа сериозни потреси на глобалните пазари, особено во енергетскиот сектор. Цените на нафтата растат, неизвесноста се зголемува, а притисокот врз економиите – и големите и малите – станува сè посилен.

Ние како држава не можеме да бидеме изолирани од тие процеси. Ние сме дел од светот, дел од европскиот економски систем, и секоја глобална промена директно се одразува врз животот на нашите граѓани.

Но, она што нè разликува е начинот на кој реагираме.

Владата не чека кризата да нè прегази. Владата делува.

Претходно донесовме одлука за намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти со што спречивме голем, жесток ценовен шок. Македонија плаќа најевтини бензини во регионот. Но нашите информации, анализи говорат дека е потребно повторно да се реагира.

Затоа денес донесовме имавме вонредна, итна седница на Владата каде донесовме неколку конкретни и одговорни одлуки и би сакал за тие одлуки да ја запознам македонската јавност.

Прво бидејќи поминаа оние две недели од како беше намалена стапката од ДДВ од 18 на 10 проценти сакам да ја информирам јавноста дека ја продолжуваме до крајот на кризната состојба којашто отприлика околу 20 април треба да истече, значи продолжуваме намалената стапка на ДДВ од 18 на 10 проценти, истовремено донесовме одлука со којашто се овозможува намалување на акцизите на дизелот за 4 денари, а за безоловните бензини 95 и 98 октански за 2 денари по литар со што драматично ќе се почувствува кај цените на бензините и на дизелот со што практично покажуваме и докажуваме дека се бориме да го зачуваме стандардот на граѓаните.

Доколку не се случеше ова намалување на акцизата тогаш литар дизел ќе беше отприлика 102 денари, можеби и над 102 денари така велат нашите калкулации, бидејќи берзата се затвори во четврток поради Велигденските празници и ќе се рестартира во вторник, а безоловните бензини 95 и 98 октански ќе беше поголем за 1,5 до 2 денари. Со ова намалување исто така ние имаме практично цена којашто ќе бидат минусирани 4 денари кај дизелот за литар, односно 2 денари кај безоловните бензини 95 и 98 октански.

Исто така дозволете ми да ја информирам македонската јавност дека во текот на претпладневните часови имавме долга дискусија и преговори со „ОКТА“. Тие својот попуст ќе го продолжат до крајот на месец април што значи дека за дизелот во овој момент имаме попуст од 3 денари по литар, а за безоловните бензини 95 и 98 октански ќе имаме дополнителни 2 денари за литар, или кога сето ова ќе се собере или сето ова ќе се изанализира тогаш доаѓаме до цена којашто за дизелот ќе биде иста како и до сега практично доколку се калкулира попустот од 4 денари за акцизата и 3 денари коишто го добиваме од „ОКТА“, така што оние 7 денари потенцијално зголемување по литар ги амортизираме, додека пак кај безоловните бензини 95 и 98 октански покрај оние 2 денари акциза по литар ќе имаме дополнителни 2 денари по литар намалување, односно ќе бидеме во минус од цената којашто беше во изминатиов регулиран период, односно изминатата недела. Со ова уште еднаш покажуваме дека се грижиме за стандардот на граѓаните и дека тој ни е најважен приоритет во овој момент.

Исто така дозволете ми да ве информирам дека минатата недела веќе конзумот, односно потрошувачката достигнала до рекордни 2.000.000 литри на ден.

Имаме жесток притисок на северната, јужната и западната граница каде што потрошувачката на одредени бензински пумпи е и триплирана, што значи дека граѓаните на соседните држави доаѓаат кај нас да ги полнат резервоарите и да ги користат услугите на бензинските пумпи.

Во овој момент немаме потреба од било какво ограничување бидејќи во разговор со трговците и со снабдувачот добив уверување дека нема опасност од тоа да бидат загрозени домашните потрошувачи и покрај тоа што од 1.500.000 конзумот е зголемен на 2.000.000 литри на ден и се надевам дека и така и ќе остане, односно се надевам дека сето ова што се случува во заливот ќе престане и дека состојбата во светот ќе се нормализира, односно режимот во Иран ќе престане да ја опструира природното право на трговија на земјите од заливот и навремено снабдување на останатите потрошувачи со нафтата и нафтените деривати од заливот.

Така што еве уште еднаш сакам да кажам дека како држава до овој момент се справуваме онака како што очекуваат граѓаните од нас, не сме реактивни туку сме проактивни, носиме мерки, ја следиме ситуацијата, предизвици има на дневна основа и тие се решаваат, но доколку има предизвици од поголеми размери тогаш се разбира дека ќе носиме уште поинакви мерки.

Имаме план и би сакал да ги уверам граѓаните дека нема потреба во овој момент од загриженост, користиме најниска цена на горивата во регионот, па и во Европа.

Ние сме тие коишто рефлектираат стабилност, количините се обезбедени, не треба граѓаните и бизнисот да стравуваат од количини на нафта и нафтени деривати, односно дизел гориво и безоловните бензини, така што во овој момент состојбата е стабилна, планот е јасен, имаме стратегија и продолжуваме со таа стратегија.

Почитувани,

Со оваа одлука испраќаме јасна порака – нема да дозволиме товарот од глобалната криза да падне врз плеќите на граѓаните.

Свесни сме дека цената на горивата не е само бројка на бензинска пумпа. Таа е дел од секој производ, од секоја услуга, од секој трошок во едно домаќинство. Таа влијае на транспортот, на храната, на економијата во целина.

Затоа нашата реакција е навремена, одмерена и насочена кон заштита на стандардот.

Почитувани граѓани,

Ова не е првпат да се соочуваме со предизвици. И нема да биде последен. Но секој пат кога сме биле ставени на испит, сме покажале дека знаеме да носиме одлуки во интерес на граѓаните.

Продолжуваме будно да ја следиме состојбата. Во постојана координација сме со сите релевантни институции, со енергетскиот сектор, со стопанството. Подготвени сме да преземеме и дополнителни мерки доколку тоа биде потребно.

Нашата цел е јасна – стабилност, сигурност и заштита на стандардот на граѓаните.

Во време кога некои зборуваат, ние работиме. Во време кога некои создаваат страв, ние се обидуваме да се бориме со предизвиците и истите да ги решаваме.

Затоа што ова е Влада која не бега од одговорност. Ова е Влада која стои рамо до рамо со својот народ.

И ќе продолжиме така да функционираме.“