Премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со владина делегација престојува во официјална политичка и економска посета на Австрија, денеска во Виена ќе има средба со австрискиот канцелар Кристијан Штокер, на која се очекува да се разговара за продлабочување на билатералната соработка, како и за важни и актуелни прашања поврзани со Европа и регионот.
По средбата, Мицкоски и Штокер ќе се обратат на бизнис-форум пред претставници на стопанските здруженија на двете држави, на кои ќе се реафирмира одличната економска соработка и ќе се претстават можности за нови инвестиции и продлабочување на соработката меѓу австриските и македонските компании.

Во состав на владината делегација се и вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа.
Премиерот Мицкоски вчера во Виена оствари средба со претставници на македонската дијаспора. Мицкоски, како што објави на својот фејсбук-профил, на средбите повикал „да размислат за враќање, за инвестирање и за активно вклучување во развојот на државата“ посочувајќи дека Владата работи посветено да создаде стабилна и предвидлива бизнис-клима, која ќе ги охрабри таквите чекори.
Фото: МИА архива




