Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со потпретседателот Александар Николоски и Секретарот за меѓународна соработка, Стефан Андоновски, денес во Блед, Словенија учествува во работата на највисокото тело – Генералното Собрание, на Центристричката демократска интернационала (CDI-IDC).
Како што информираат од партијата, Мицкоски ќе се обрати на седницата на Генералното Собрание, во присуство на Претседателот на ЦДИ, Андрес Пастрана, Генералниот секретар и поранешен секретар на ЕПП, Антонио Лопез Истуриз, како и претседателите на партиите-членки на ЦДИ.
Пред присутните се очекува Мицкоски да ја подвлече улогата на ВМРО-ДПМНЕ во одбраната на македонските национални интереси, интеграцијата на Македонија во поширокото европско семејство и плановите за економски реформи на државата и обновување на процесите на демократизација на општеството, почитување на вистинските вредности и севкупно подобрување на општествените состојби.
Освен учеството на Извршниот комитет и Генералното Собрание, Мицкоски ќе оствари билатерални средби со бројни регионални и европски лидери, кои исто така се присутни на Генералното Собрание.
Центристричката демократска интернационала е меѓународна христијанско-демократска политичка организација основана во 1961 година, со седиште во Брисел. Се смета за една од најважните христијанско демократски политички групации во светот.