Денеска во Скопје се случуваше фијаско, а требаше да биде митинг за поддршка на Пендаровски Стево. Го слушнавме Зоран Заев како мене ме критикува и вели дека тој не само што го забетонирал идентитетот, туку претпоставувам во меѓувреме се исконсултирал и со неговиот брат околу градежништвото, па додал малку и арматура во бетонот, истакна вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од митингот во Велес.
-Па толку бил цврст тој бетонот што не можело да биде поцврсто. Овде од Велес ќе се обидам да му одговорам на Заев Зоран за неговиот идентитет и за цврстината на бетонот. Не така одамна, на платото пред институцијата која треба да ги симболизира токму тој идентитет, Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со неговиот нов пријател, се срамеа да слушнат дека денес над Македонија се раѓа и дека Македонците се борат за своите правдини. Се срамеа да ја постројат македонската гарда и да го постројат оркестарот на АРМ кој што требаше да ја интонира македонската химна. А за “селфи“, се разбира, време секогаш има, посочи Мицкоски.
-Таму, господине Заев, вашиот идентитет кој го зачленивте дополнително и со арматура во него, се урна како кула од карти, се урна како стиропор. Вие не само што немате право да зборувате за чест и достоинство и идентитет, туку немате ниту никаква доблест да излезете пред граѓаните и да им се извините за сите оние неправди и понижувања и омаловажувања кои ги направивте овие две години. Вие немате право да зборувате за нешто со кое што тргувавте само за да дојдете до тие пусти, удобни фотелји и да можете да работите и да крадете што е можно повеќе од овој народ. За пусти пари се работело, господине Заев, излезете и кажете му на овој народ, порача Мицкоски.