-Новото парламентарно мнозинство и новата влада нема да бараат од нас да ги заборавиме зборовите на химната или во себе да си ги говориме и да тагуваме, со нас ќе ги пее, со нас ќе го вее знамето, со нас ќе го изговара светото име со кое сме израснале, а Северна нека си изговараат и пишуваат тие, но тоа не е нашето име. Целата власт ја грабнаа, а само онаа претседателската која не е во нивни раце целосно ја игнорираат, ја суспендираат и узурпираат, бидејќи од почетокот на преговорите за Преспанскиот Договор претседателот иако е првиот во меѓународната политика, го тргнаа, зошто? Бидејќи тој не би се согласил на потпишување на таков договор, истакна вечерва на митингот во Велес, Гордана Силјановска.

„Се ближи денот кога ние мислиме дека ќе блесне слободата, не само во Велес, туку низ сета Македонија, зошто нашата победа ќе значи пораз на нивните немакедонски, ненационални и антимакедонски политики, ако воопшто тоа може да се нарече политика“, додаде Силјановска Давкова.

Таа рече и дека на 21 април власта изборно ќе биде делегитимирана. Според неа, власта е одамна делегитимирана оти нелегитимно е нешто да сторите за што не сте го добиле мандатот на изборите.

„Но најстрашно е не кога одговарате пред судот, туку пред народот, оти тоа ќе ги боли, оти неморално е она што се случува, не етички е тоа што се случува. Бидејќи нели идентитетот ни бил сочуван, загарантиран, па што е химната ако не е дел од историскиот и националниот идентитет, од деца сме растеле со неа, сме се радувале, почитувале… никогаш нема да ги заборавиме летувањата или зимувањата во детството кои секогаш почнувале со интонирање на химната и најдобриот претходниот ден го кревал знамето и се поклонувал пред химната и сега кои се тие после толку години уживање во македонскиот идентитет сега да ни ја забранат и најсветата песна химната, срамота, потенцираше Силјановска.